Лични документи ќе може да се вадат и без закажување


Во наредните десетина дена ќе бидат поставени десетина нови работни позиции за вадење лични документи каде што граѓаните ќе може да се јават и без закажување и добивање термин, најави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Новите места ќе бидат поставени во Скопје. Тој во интервју за 360 степени, рече дека ова се прави со цел да се овозможи во предвидениот рок да се заменат сите лични документи на кои ќе стои новото уставно име на државата Република Северна Македонија.

„Досега според нашата евиденција околу еден милион граѓани имаат документи со новото име на државата“, рече Спасовски.

Тој посочи дека еден од проблемите со кои што се соочуваат е тоа што дури 70 отсто од закажаните термини не се почитуваат, односно граѓаните не доаѓаат во закажаното време и потоа повторно се јавуваат на телефонскиот број да добијат нов термин.

„Факт е дека околу 70 отсто од закажаните термини кои што ги имаат граѓаните на телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини па презакажуваат нови термини, што создава исто така одлагање на целиот тој процес. Меѓутоа, ние веќе подготвуваме еден посебен простор во градот Скопје со инсталирање на нови работни позиции, нови работни станици на кои што ќе можат граѓаните да извршат дактилоскопирање, сликање итн. за новите лични документи. Веќе во наредниве денови ќе бидеме подготвени и ќе можеме да отвориме нови позиции на кои што граѓаните ќе можат дури и без најава да дојдат и да ги менуваат своите документи. Понатаму, работиме заедно со групните домови, дали се тоа домови за стари лица, дали е тоа геријатрија итн. за наши мобилни тимови да одат и на лице место тамо да ги земат сите податоци за промена на личните документи и сметаме дека со ова интензивно темпо кое го имаме сепак ќе дојде до промена на личните документи, односно огромниот број на граѓани тоа право ќе го завршат. Што се однесува до остварувањето на правата на граѓаните, нема да им е ускратено ниту едно право за остварување во државата заради промена на документите“, истакна Спасовски. 

Спасовски нагласи дека нема да има санкции за оние кои нема на време да ги заменат личните документи.