Личната карта ја чекаат од април, а Тошковски уверува дека документите се готови за 15 дена


Фото: Б. Грданоски

 

Проблемот со издавање лични документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи…) е надминат и граѓаните сега може да поднесат барање за издавање нов личен документ и да го добијат во законски одредениот рок од 15 дена уверува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска беше во посета во пунктот во полициската станица „Пролет“ во Скопје.

Сепак, не секој ги има добиено личните документи за кои поднеле барање во периодот кога се створи огромен проблем, метеж, поради смената на името на државата. Се фотографирале, платиле, а документи сѐ уште немаат.

Таков е случајот со жена од Скопје, која се пријавила телефонски за нов пасош и лична карта, како и за пасоши за нејзините деца во октомври 2023 година. Од МВР ѝ закажале за 2 април 2024 година – за сите тројца, за четири документи. Се фотографирале, уплатиле, а пасошите ги добиле во јуни односно јули годинава. Сепак, нејзината личната карта уште не е изработена.

„Проверувам еднаш неделно на страницата за проверка на фазата во која е изработката на личните документи, но од 2 април наваму стои дека документот е во изработка. Ме чуди и тоа што податоците таму се обновуваат два пати месечно. Вчера проверив, состојбата беше иста ‘во процес’, а последното ажурирање беше на 14 август. Денеска стои истото, но ажурирано на 2 септември“, вели таа.

Дополнително, прашува каде треба да ја подигне личната карта, затоа што во времето кога ја очекувала да биде готова, насоката беше дека треба да се подигне во најблиската полициска станица.

„Не знам каде да се јавам да прашам“, – вели таа.

Министерот Тошковски, пак, денеска од „Пролет“ рече дека за два месеци го надминале проблемот со издавањето лични документи, а граѓаните кои сега ќе сакаат да извадат нови, нив ќе ги добијат во законски предвидениот рок од 15 дена.

„Секој што ќе поднесе барање за да се стекне со нова патна исправа, возачка дозвола, лична карта, секој еден од тие лични документи, ќе може да ги оствари во рамки на она законско право коешто е утврдено во Законот, а тоа е во рок од 15 дена – рече Тошковски.

За пунктот „Пролет“ којшто беше отворен да помогне во побрзото издавање лични документи, но се покажа како проблем, затоа што таму со часови чекаа граѓани да се фотографираат за документи, без да закажуваат термин, рече дека ќе продолжи да функционира додека се реновираат просториите на МВР во зградата на Македонската телевизија.

Тошковски рече дека личните документи не се повеќе тема, не се тема ни обрасците затоа што ги има.

„Овој пункт ќе се користи времено, уште одреден временски период потребен за реновирање на Македонска телевизија. Таму ќе се почне со реновирање за месец, месец и половина, максимум од сега. Целта е да создадеме едни нормални услови за работа на полициските службеници и нормални услови кадешто граѓаните нема да им е срам да пристапат во рамки на објекти коишто претходно беа неизбелени, со скршени плочки, со мувлосани тавани“, додаде Тошковски.

Проблемот со издавањето лични документи настана годинава во февруари, кога според Преспанскиот договор престанаа да важат сите валидни лични документи на кои стои старото име „Република Македонија“ по 12 февруари 2024 година.