Лична карта за нови делби


ЕРОЛ РИЗАОВ

Со голема леснотија се враќаме назад во едни минати времиња на национално и верско бележење на граѓаните за нивното етничко потекло и верска припадност

 

Северна Македонија сѐ повеќе се одалечува од определбата за граѓанско, мултиетничко и мултикултурно општество со еднакви права на сите граѓани без оглед на националната и верската припадност. Издавањето на новите лични карти со графата за национална припадност и претстојниот попис со етничко и верско пребројување на населението е главна причина за политички и партиски наметнатата голема вознемиреност и стравување на јавноста за тоа колку сме на број Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи, христијани, православни и католици, адвентисти и протестанти,  муслимани, атеисти, агностици и други верници и „неверници.“

Нема ниту една друга причина што сме единствена држава во Европа која 20 години не може да ја спроведе најзначајната статистичка операција за планирање на идниот развој на државата. Во тек е реализацијата на опасна идеја за докажување дека не сме еднакви и дека бројноста на различните национални и верски припадности ќе ја одредува мајоризацијата на правата и слободите. Остваруваме целосно спротивна политика од определбите за изградба на демократско граѓанско општество.

За жал станавме соучесници и неми сведоци на самоуништувачка политика прифатена и од власта и од опозицијата – освен од Левица, чија мотивација за 1.200 амандмани не се еднаквоста и интеграцијата – речиси без спротивставување и од интелектуалните и стручни луѓе, но и од помалубројните етнички и верски заедници кои ќе бидат во догледно време доведени во подредена положба на граѓани од втор и трет ред, која води кон натамошни делби загрозувајќи ги веќе постигнатите добри резултати.

Мал е чекорот од пребројување до „самоопределување“

Пребројувањето по национална и верска припадност и легитимирањето во личните карти лесно може да предизвика нови конфликти. Внесувањето на одамна напуштени податоци кога личните документи беа цели тетратки, имајќи ја предвид чувствителноста на меѓуетничките односи и нивната партиска (зло)употреба, многу бргу ќе се пренесат на нови графи во сите институции и во сите пори на општествениот живот. 

Со голема леснотија се враќаме назад во едни минати времиња на национално и верско бележење на граѓаните за нивното етничко потекло и верска припадност, определби кои во демократскиот свет се дел од интимата и приватноста, каде тоа е голема навреда и непристојност, а некаде и законски забрането и казниво вознемирување, дури кога и во разговор се поставува прашањето што си по националност и на која вера припаѓаш што води кон дискриминација.

Постојат многу други начини од кои голем дел се применети од поодамна кај нас за негување на идентитетските посебности, почнувајќи од изводите во матичните книги, образованието на мајчин јазик, слободната употреба на јазикот, негување на културната посебност, колективните и индивидуалните права и ред други стекнати права и обврски кои досегаат до право на  парламентарно вето за закони и одлуки кои ги засегаат националните и верски слободи. Една несреќна и добро непромислена уставна определба изразена во проценти над 20 и под 20 отсто ги доведува во прашање стекнатите права кои не можат да се одземат без сериозни потреси кои се податливи да предизвикаат дестабилизација на државата до нејзино распаѓање.

Мал е чекорот од етничко и верско пребројување до „самоопределување“ кое означува и промена на границите, кое во блиско минато се уверивме со распадот на Југославија доведе и до најголемо крвопролевање на територијата на Европа по Втората светска војна.

Лојалноста кон државата – неисплатлива припадност

Коалицискиот предизборен партиски договор меѓу СДСМ и Беса за внесување на националната припадност во личните карти експресно прифатена од ВМРО-ДПМНЕ и премолчено одобрена од ДУИ и другите албански политички партии и со индиферентноста на помалите етнички заедници на Турците, на Власите, на Србите, на Бошњаците и на Ромите и со графите во пописот за национална и верска припадност е голема закана со последици со кои допрва ќе се соочува Македонија. Личната карта не е документ за национална припадност и за лечење на националните комплекси, туку за идентификација. Не случајно во документите на Обединетите нации овие графи не се задолжителни ниту за попис, па голем број држави не ги обврзуваат граѓаните и за национално и верско изјаснување. 

Кај албанските политички партии, покрај оправданите заложби за интеграција и еднаквост, етничката припадност се претвори во моќно оружје за условувања кое најчесто е насочено на ограничување на правата на другите помали етнички заедници. Главно „борбата“ за еднаквоста кај албанските политички партии е со мнозинскиот македонски народ што во суштина ги деградира мотивите за демократизација на државата. Речиси и да нема примери на заложби за изедначување на правата на сите конститутивни народи кои живеат во Македонија кои тоа уставно право го стекнале со учество и во Антифашистичката борба во Втората светска војна и со директно учество на АСНОМ и во остварувањето на независноста на Македонија. Државните интереси кои ги засегаат сите граѓани го изгубија приматот пред налетот на националната припадност и идентитетските посебности само на Албанците и на Македонците. Лојалноста кон државата и стекнување на правата за еднаквост и на помалите етнички заедници по демократски пат се покажува како залудна и недоволна припадност.

Пребројувањето на пописот со етничка и верска определба и националната припадност со графата во личните карти ќе го зголемува тој јаз до целосна недоверба за општество еднакво за сите.

Последниот пример на етничката активност на првиот вицепремиер за политички систем Артан Груби да ги проверува сообраќајните знаци дали се тројазични на патот од 12 километри до Блаце е многу илустративен за нашата реалност. Ќе беше добро да продолжи до Приштина и да крене глас не за тоа што пишува на знаците покрај беспаќето кои означуваат срамна руина од десетина километри меѓудржавен колски пат кој по граничниот премин со Косово прераснува во најсовремен автопат цели 80 километри. Ете тие знаци на поврзување се од заеднички државен интерес.

Ако некој не знае на каде да оди ни еден знак и јазик не е доволен. 

(Линк до колумната во Дојче веле овде)