Либија: Во бурата „Даниел“ загинаа најмалку 150 луѓе


Најмалку 150 лица загинаа во силното невреме што ја погоди источна Либија.

Невремето донесе обилни дождови кои предизвикаа поплави, а оштетени се куќи и патишта, соопштија денеска владини извори.

Властите прогласија вонредна состојба, ги затворија училиштата и продавниците и воведоа полициски час од недела.

Бурата „Даниел“ ги погоди либиските градови Бенгази, Сус, Ал Бајда, Ал-Марџ и Дерна.

 

Четирите главни нафтени пристаништа во Либија се затворени од саботата навечер веќе три дена, изјавија за Ројтерс двајца нафтени инженери.

Премиерот на привремената влада во Триполи, Абдул-Хамид Дбеиба, во неделата изјави дека им наредил на државните агенции да преземат мерки за санирање на штетите и да им пружат помош на погодените од поплавите во источните градови.

Мисијата на Обединетите нации во Либија соопшти дека ја следи ситуацијата и е подготвена да обезбеди итна помош за населението погодено од поплавите.