Левица за бегството на Груби: Државните институции се лојален сојузник на криминаците
Зад завесите на театарот за бегството на Артан Груби се крие колективен договор на политичките елити, тврди Левица во последната реакција на бегството на вицепремиерот во Косово.
„Случајот станува заташкан помеѓу меѓусебните обвинувања на некогашните коалициски партнери на ДУИ, но оградувањето од одговорност, нема да ја врати довербата во институциите, туку напротив – таа рудиментира. Неисправни камери, заслабена гранична контрола, пропуст на контролниот полициски пункт, не се изговори на надлежните, туку алатки преку кои власта овозможила бегството да се реализира. Следејќи го развојот на настаните, сè поизвесно е како случајот се затвора на ниво на политички обвинувања каде со цел замачкување очи на јавноста, партиските послушници од последен ешалон, ги чека соочување со дисциплински мерки или симболична казна.
Државните институции уште еднаш се покажаа како лојален соработник на криминалците од политичката елита. На случајот му предничеше најава од извршната власт. Дипломатската логистика служела како транспорт, полицијата била нем посматрач, граничниот премин функционирал со врзани очи, а потерница е распишана неколку дена по реализацијата на „бегството“. Наместо гонење, државните институции стимулираат организиран криминал“, порачуваат од Левица.
Партијата бара одговорност за целиот случај, не само за граничарите и полициската контрола, туку и за политичката врхушка, којашто го организирала целиот случај.
„Дополнително, покрај распишаната потерница, инсистираме да се побара екстрадација за Груби до Косово, бидејќи тие не се земја – членка на Интерпол и за нив меѓународната потерница не е обврзувачка.Останувањето на уште еден криминалец на слобода, ќе значи дека законот важи само за обичниот човек, но не и за политичката елита“, реагираат од Левица.