Левица: ВМРО-ДПМНЕ ги прифати бугарските барања во резолуцијата на ЕПП


 

На Левица не ѝ е јасно како можело ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати бугарските барања во резолуцијата на конгресот на ЕПП па дури и да ја пофали. Тоа е несфатливо за Левица, наведува партијата во своето соопштение, затоа што резолуцијата за Македонија на Европската народна партија застана зад бугарските барања. Според Левица, тоа бил „квислиншки курс во надворешната политка“ на ВМРО-ДПМНЕ кој ја продолжува политиката на СДСМ и ДУИ.

„Откако претходно беа прифатени грчките, а денес и со прифаќањето на бугарските барања, ЕУ е постојан и директен учесник во процесот на уништување на македонскиот идентитет, кој лицемерно се крие зад барањата на трети држави, претставувани како услов за напредок во интеграцијата.

По Европскиот парламент, конгресот на Европската народна партија, чиј член е ВМРО-ДПМНЕ, во Ротердам усвои Резолуција со која застана зад позициите на Софија. 

Во усвоената резолуција која беше пофалена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а оценета како објективна од страна на нивниот потпретседател Муцунски од Македонија се бараат:

‘мерки за почитување на правата на Бугарите’, дел од резолуцијата во кој се алудира на внесување на Бугарите како конститутивен народ во Уставот на државата и ‘Македонија да се помири со сопственото минато’, дел во кој се алудира на спроведување на историскиот ревизионизам, преку кој се ревидира бугарското фашистичко минато и нивната окупација врз Македонија,прифаќајќи ја бугарската приказна за македонската историја“, наведува Левица и додава:

„Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон оваа резолуција, практично покажува прифаќање на квислиншкиот курс на надворешна политика, демонстриран изминативе години откако СДСМ и ДУИ се на власт и дава јасни сигнали на подготвеност оваа партија да ги прифати бугарските барања од позиција на власт или биде кооперативна за нивно спроведување од позиција на опозиција“.

Во соопштението се наведува дека Левица уште еднаш повикува на прекин на преговорите со Бугарија и неотпочнување на какви било билатерални односи, како со источниот сосед така и со ЕУ, сѐ додека не се спроведат парламентарни избори и не биде усвоена национална стратегија за надворешна политика.