Левица: Владата ќе јаде лосос, лигњи и школки, за настраданите во Кочани не даде ни денар


Левица обвинува дека директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во април и мај склучил нови договори вредни милиони денари за, како што велат, владината трпеза. Според партијата, одвоени се 1.890.000 за пилешко месо; 441.000 за јајца; 1.680.000 за сирење и кашкавал; 1.549.000 за млеко и други млечни производи; 126.000 за брашно; 2.520.000 за чаден лосос, школки и лигни од екстра или А класа со големина од 9-12 сантиметри; 5.775.000 за други разни видови месо; 2.950.000 за пиво, вино и жестоки пијалаци и 3.675.000 за сокови и чаеви.

Левица потенцира дека десетици милиони денари од народниот Буџет се трошат за да се задоволат гурманските хирови на власта, додека, како што потенцираат, граѓаните со месеци се соочуваат со енормни цени на храната и сметките, со мизерни минимални плати.

-Истовремено, додека играат манипулативна и лицемерна политика, Владата уште еднаш го изневери народот во најтешките мигови. По трагедијата во Кочани, кога Македонија изгуби млади животи, од страна на истиот директор – Ивица Томовски и портпаролката Марија Митева, беше најавено дека Владата ќе донира почетни 150.000 денари на секое семејство со настрадан и повреден член. Но, и по од два месеца, евидентно според јавно достапните информации – семејствата немаат добиено ниту денар од Владата. Потсетуваме дека наместо итна помош, Владата само три дена по трагедијата склучи договор вреден 22.857.964 денари за мерење на рејтингот на Мицкоски, потсетуваат од партијата на Димитар Апасиев и додаваат:

„На почетокот на март, во однос на обвинувањата на дел од опозицијата дека Владата распишала тендери за набавка на овошје, портпаролката Марија Митева на прес-конференција рече дека жали што граѓаните се замајуваат со вакви лажни вести кои имаат за цел да дезинформираат и да ја дефокусираат јавноста. Митева ги охрабри новинарите да ги побараат договорите од претходната година и договорите од оваа година од СОЗР и да направат споредба. Според неа, ќе се постави прашањето како е можно договорите сега да имаат пониски цени.

Во Владата се внимавало каква храна конзумираат функционерите, возврати тогаш премиерот Христијан Мицкоски откако се најде на мета на критики од јавноста дека владата се рафрла со пари по овожје и зеленчук додека работниците бараат минимална плата. Мицкоски во март рече и дека во Влада „не може да живеат од воздух, дека постат, но и дека банани не јадел“, посочуваат од Левица.