Левица тврди: Власта ќе ја либерализира трговијата со оружје, за профит ќе ја загрозат безбедноста во државата


Левица обелоденува дека, како што велат, екстремно неспособната владејачка гарнитура до Собранието доставилан предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје!

„Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице.

Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки.

Додека министерот Тошковски молчи за тендерите доделени на фирмата „Дон Холдинг” и манипулира со фактите на интервјуа во провладини медиуми – власта сака да протне законски измени кои се директен напад по јавната безбедност!Левица јавно го прашува премиерот Мицкоски, кој очигледно продолжува да го штити катастрофалното работење на министерот за внатрешни работи: Дали паралелно се формира нова компанија за трговија со оружје (блиска до власта) која најмногу ќе има корист од либерализацијата на продажбата?!

Ја повикуваме и експертската јавност да се одважи за најавените измени за трговијата со оружје, со цел да се спречи носење на уште еден штетен закон кој дополнително ќе ја загрози и онака кревката безбедност“, порачаа од Левица.

Тие исто така забележуваат дека вчерашните страшни сцени со пукање во кафич во центарот на Штип дополнително ја вознемирија јавноста, додека премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски на партиски настани говорат дека народот никогаш не бил побезбеден.

„Можеби владејачката елита се чувствува безбедно на нивните скапи патувања, додека граѓаните стравуваат од престрелки на јавни места, каде има висока френквенција на родители со деца. Додека премиерот Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле„, порачуваат од Левица.