Левица тврди дека ЈСП е ставено во должничко ропство за некој да го „лапне“ бизнисот

Левица реагира на најавите дека Скопје повторно ќе остане без јавен превоз, изнесувајќи во јавноста детали според кои ова јавно претпријатие, преку намерни штетни договори, плаќа и поскапа нафта од таа на пазарот, и незаконски надувани камати поради што е ставена во должничко ропство. Тоа е причина Левица да праша дали ВМРО-ДПМНЕ сака да го приватизира јавниот превоз работејќи на штета на претпријатието и на Скопјани.
„Крвотокот на градот – ЈСП уште еднаш пред работ на ново изживување во име на профитот, овој пат од компанијата ,,Пуцко Петрол”, кој играјќи монопол со казнени камати и камати на камати го вовлече јавното претпријатие во должничко ропство. Во последниве четири години, додека ВМРО-ДПМНЕ ја води локалната власт во Град Скопје, ЈСП е турнато во НАЈЛОША финансиска и организациска состојба во својата историја. За тоа сведочи и динамиката со која дури тројца од четири директори условно „дезертираа” во само еден мандат, оставајќи целосен хаос зад себе – ненавремени плаќања кон побарувачи, сомнителни договори со истите, како и рекордни блокади од приватниците.
Сѐ поизвесен е фактот дека ЈСП денес е претпријатие на работ на колапс. Не поради објективни околности, туку поради ШТЕТНИ договори, спогодби и политички одлуки. И тоа не само од последниве четири години. За ваквата состојба одговорноста во континуитет се задржува кај локалната власт, како во време на претходната градска власт на ДПМНЕ, кога ИГОР ЈАНУШЕВ како директор, буквално го уништи претпријатието со десетгодишниот договор склучен со „Маратон”.
Договорот со „Пуцко Петрол” е премија од првиот ден. Во октомври 2022 година, ЈСП склучи договор за набавка дизел со „Пуцко Петрол“ на фиксна цена од 100 ден/л + 18% ДДВ = 118 ден/л. Во моментот на потпишување пазарната цена на дизелот беше околу 86,5 ден/л. Тоа значи дека ЈСП уште од првиот ден плаќаше повеќе од пазарот, премија од 31,5 ден/л, или над 7 милиони евра дополнителен трошок на вкупниот обем (14 милиони литри). Овој договор беше склучен во отворена постапка, но „Пуцко Петрол“ беше единствениот понудувач. Причината е во клаузулата дека ЈСП може да плаќа во рок до 90 дена по добиена фактура. Другите нафтени компании не се нафатија на вакви услови, фактички да го кредитираат ЈСП со гориво три месеци без наплата.
Ваквата „претприемничка одлука”, со пресметан кредито-деловен ризик од страна на „Пуцко Петрол“, го направи КРЕДИТОР на јавниот превоз во Скопје. Традиционално, оваа компанија и претходно го снабдувалa ЈСП, но овој пат условите се штетни, со фиксна и висока цена, како премија за преземениот ризик да чека подолг период за наплата.
Резултатот од ваквиот договор беше погубен по финансиите: Според пресметките, на оваа цена ЈСП губеше околу 500.000 евра месечно само на разликата во цена на горивото.Веќе во 2023, кога ЈСП не ги плаќаше фактурите на време, во јули беше склучена спогодба за акумилиран ДОЛГ од 7,38 милиони евра, со шест месечни рати. Но, тука беше вметната одредба за казнена камата 50% над законската, што во пракса значи и до 24% каматна стапка. Дополнително, се предвидуваше и камата врз веќе пристигната камата – правноништовна клаузула.
Државниот завод за ревизија во својот извештај за 2023 година експлицитно нотира дека ова е спротивно на договорот и на законската регулатива и препорача барем 50% од овие камати да се коригираат. Ништо од ова не е направено. До јануари 2024, „Пуцко“ веќе достави каматна листа со 24% стапка, лихварски наплатувајќи дел преку присилна наплата и блокада на сметка. Така, ЈСП не само што плаќа прескапо гориво, туку и камати што се повисоки од законските, што создава дополнителен одлив на јавни средства.
ЈСП денес не е јавен сервис, туку жртва на договори што служат за приватен профит. ДЗР даде јасни забелешки со ревизијата за 2023, време е тие да станат основа за институционална одговорност, а не уште една непрочитана ревизија.
Кој тоа веќе една декада го подготвува ЈСП за приватизација? Дали ДПМНЕ, најпрвин преку своите директори од калибарот на Јанушев, но и преку политички тактизирања го турка претпријатието во долгови, каде „кредитирањето“ од приватни фирми стана норма за извлекување камати над законските? Кој дозволува јавниот превоз на Скопјани – загарантирана јавна услуга, да се комодифицира и претвори во алатка за приватен профит? И до кога ДПМНЕ ќе го третира ЈСП како плен, наместо како сервис на граѓаните?- прашува Левица.
На состојбата реагираше и СДСМ тврдејќи дека Скопјани се жртви на политички игри, со прашање – дали ВМРО-ДПМНЕ намерно го остава ѓубрето и го саботира ЈСП?
„Скопјани 4 години секој ден живеат во хаос, преполни контејнери, нечисти улици и јавен превоз во колапс.Главниот град е во заложништво на неспособноста на ДПМНЕ и нивните кавги со Данела Арсовска.Прашањето е дали ДПМНЕ свесно го остава ѓубрето во Скопје на улица? Очигледно игрите со ЈСП и Комунална хигиена се политички пресметки врз грбот на скопјани.Во Комунална хигиена четири години претседателка на Управниот одбор е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Јулијана Спировска. Сега ДПМНЕ ја наградува со советничко место во општина Бутел. За што? За нечистите улици? Или за реализација на партиските директиви губрето да биде на улиците, на штета на скопјани?
ЈСП тоне во долгови, автобуси нема, учениците не знаат дали ќе стигнат на настава, граѓаните не можат навреме да стигнат на работа, на пазар, било каде.Четири години, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, претседавач со советот, но 4 години водат инает со Арсовска не носат одлуки а сметката за тоа ја плаќаат граѓаните.ВМРО-ДПМНЕ раководи со Управниот одбор на ЈСП но и со сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија во Скопје. Заклучокот е јасен, ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, тие се најголемие виновници за катастрофата која што му се случува на Скопје“, тврдат од СДСМ.