Левица: Стевчо Јакимовски решава дали некоја седница постои или не
Претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов од Левица реагираше денес на одбивањето на градоначалникот Стевчо Јакимовски да ја прифати одлуката за стопирање на изградбата на 28-катницата во близина на клиниката „Жан Митрев“, третирајќи на седницата на која е донесена – за непостоечка.
-Одлуката го задолжува градоначалникот и општината да запре со издавање дозволи за градба, како и за изработување на елаборат за суспензија, со крајна цел ревизија на истиот. На мое изненадување градоначалникот, кој изјави дека се противи на изградбата на висококатницата на локацијата, сепак не ја поддржа одлуката преку неговите членови во Советот и дополнително ја користи администрацијата таа да не стапи на сила.
До денес, во овој мандат имаме две инстанци кога градоначалникот саботира седници и две – кои не ги прифаќа како постоечки. На првата ги повлече сите точки од дневниот ред, моментот кога стана извесно дека ДУП-от за „Пуцко Петрол“ нема да помине. За да ја исполни целта, сепак, свика вонредна седница со таа цел. Во јули, на ист начин беше саботирана втората седница, повлекувајќи ја администрацијата, на која исто така се наоѓаше точката за спречување на оваа 28 катница.
Оттука можеме да видиме дека градоначалникот оди сам против себе и својата неодамнешна телевизиска изјава во врска со 28- катницата. Големата слика е уште позагрижувачка, бидејќи градоначалникот своеволно одлучува кога Советот ќе има седница, која седница ќе се дозволи да се одржи, и која седница е важечка. Градоначалник по функција нема право да ја оспорува легитимноста на Советот само затоа што е без мнозинство кое како безгласна буква ќе прифаќа сѐ што тој одлучил на своја рака, реагираше Ристов.