Левица предлага со закон да се заштити името ВМРО, Мицевски вели дека било нарачка од туѓина

Пратеничката група на Левица поднесе до Собранието предлог-закон за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО.
Тоа го потврди пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, кој објави на својот Фејсбук.
„Конечно, дојде Денот за законска заштита на името ВМРО и забрана разно-разни злосторнички здруженија олицетворени во бизнис-партии да го злоупотребуваат ова име за лично богатење. ‘Послушајте патриоти’”, напиша Апасиев.
„Целта на предлог законот е да се зачува и афирмира значењето на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) како симбол на македонската национална борба за ослободување и да се спречи злоупотребата на нејзиното име или кратенки кои асоцираат на истото – во политички или комерцијални цели, со кои се обезвреднува и компримитира историската важност за македонскиот народ и лажно се монополизира патриотската колективна свест само во еден политички субјект, кој манипулира со симболите, чувствата и емоциите на граѓаните“, пишува во предлог-законот што го поднесе Левица.
На овој предлог веднаш реагираше ВМРО-ДПМНЕ преку координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски. Тој ја нарече Левица „радикални маргинални структури“ кои биле поврзани со центри во Бугарија за Македонија да се откаже од нејзиното револуционерно минато.
„Радикални маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и на борбата, а последниот срамен обид на Левица да поднесе закон за забрана на името ВМРО не е ништо друго освен директна нарачка од круговите што со децении работат против македонскиот идентитет“, рече на прес-конференција Мицевски.
„Ова е истата таа агенда што со години се промовира од политички и академски структури и центри во Бугарија: Македонија да се откаже од своето револуционерно минато; ВМРО да се претстави како ‘контроверзен’ или ‘непосакуван’ дел од историјата; Македонскиот народ да се откорне од своите херојски настани. Сега, истата таа агенда добива домашни извршители во форма на пратениците на Левица“, додаде Мицевски.