Левица поднесе претставка до Уставен суд за договорот со „Макпетрол“  


Партијата Левица денес (поднесе преставка до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба.По тој повод  Саше Јанчев одржа прес конференција.

„Најголемата моќ во општеството ја има државниот апарат, а со таа моќ доаѓа и можноста за злоупотреби на таа моќ од поединци за поединечни интереси, а на сметка на сите останати. Заштита од злоупотреба на таа моќ ни е владеењето на правото. Рамката од којашто не смее да излезе власта во владеењето е Уставот, а на 28 декември минатата година Собранието донесе Закон за решавање на спорот помеѓу владата и Макпетрол по пат на спогодба во кој е предвидено една акција, којашто вреди 19.000.000 (деветнаесет милиони) евра, да му се плати на Макпетрол по цена од 33.000.000 (триесет и три милиони) евра.Во законот никаде не е спомнато кој ќе плати данок на капитална добивка, ниту пак е спомнато дали државата ќе добие дивиденда. Лицата во чиј интерес се прави сето ова се наведени за прв пат во законот.

Ова е и преседан од АСНОМ до денес затоа што законите се општи правни акти, коишто делуваат ерга омнес  према сите, а не поединечно како што делуваат судските пресуди. Сето ова е така направено, што е пробиена уставната рамка во неколку точки.Прво е пробиена тријалистичката поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Имено, законодавниот дом пробува да реши судски спор стар 15 години и со тоа прави упад во надлежностите на судската власт и делува како вонреден суд што е изречито забрането со Уставот. Друга работа е што законот е привилегирачки, се рашава спор само на една компанија, а сите останати компании што имаат судски спорови со владата се тргаат настрана. Воедно законот е и фаворизирачки, затоа што се нарушува правната еднаквост на економските субјекти, која е гарантирана со Уставот. Трета работа е што никаде не се спомнува кој ќе го плати данокот на капитална добивка, а според Устав сите субјекти се должни да плаќаат данок и јавни давачки. Четврта работа е што од никаде во законот се инволвира трето незаинтересирано и неинволвирано лице, а тоа е „А.Д. Национални енергетски ресурси” (НЕР АД Скопје), кое е во државна сопственост и кое е инволвирано со цел преку него да се направи наплата. Тоа е најверојатно така затоа што Владата сака да ја тргне од свои раце евентуалната идна кривична одговорност.

Се’ на се’, ако се спроведе овој закон, можни се штетни и непоправливи финансиски последици по републичкиот буџет и опасност по правната сигурност на граѓаните и компаниите. Затоа денес, правниот тим на Левица поднесе иницијатива до Уставниот Суд со којашто бараме да се преиспита уставноста на овој закон и истиот целосно да се поништи“, изјави  Јанчев.