Левица поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација

Лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев, информира дека партијата поднела претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) по усвојувањето на Упатството за радиодифузерите за локалните избори.
Основот на преставката, како што се наведува во документот, е утврдување и заштита од групна политичка дискриминација, а се однесува на исклучувањето на Левица од можноста за платено политичко рекламирање и покрај тоа што има шест пратеника во Собранието.
„Со ова ги исцрпуваме сите домашни правни средства, инструменти и лекови кои ни стојат на располагање согласно домашното позитивно право, по што нашиот правен тим ќе премине кон подготовка на кривичните пријави против членовите на Советот на АВМУ (поименично), кон вештачење за финансиска оштета (солидарна одговорност) и кон апликација пред Европскиот суд за човекови права (Стразбур)“, пишува Апасиев во објава на Фејсбук.
Уставниот суд вчера оформи предмет по иницијативата на Левица, која го оспори Упатството за радиодифузерите за локалните избори донесено од ААВМУ. Иницијативата во петокот ја поднесе претседателот на Левица, Димитар Апасиев, а како што информираа од Судот, таа во неговите служби пристигнала во понеделникот оваа недела.
Оттаму засега не можат да кажат кога предметот ќе се најде на седница, односно дали ќе се разгледува и ќе се носи одлука по итна постапка додека трае изборната кампања.