Левица обвинува: „Енергетичарот“ Мицкоски договара грабеж на природните ресурси на Македонија

Левица тврди дека Владата и премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш свесно ги доведеле граѓаните во заблуда.
-Инвестицијата на странскиот фонд „Алказар енерџи“, која беше промовирана како проект што ќе снабдува 100.000 македонски домаќинства со струја и ќе ја зајакне енергетската независност на државата, всушност е класична комерцијална зделка. Македонија од оваа инвестиција нема да има никаков ќар – ниту поевтина струја, ниту поголема стабилност во снабдувањето.
Одговорот на Владата за медиумот „360 степени”, дека нема склучен, а ниту ќе се склучи договор за загарантиран откуп на електрична енергија, го разоткрива лажниот маркетинг на премиерот Мицкоски. Истовремено, ЕСМ која досега ги покриваше потребите на универзалниот снабдувач, е оставена на маргина и во сѐ поголеми долгови. Наместо државата да вложува во ветерни паркови, да создаде јавна добивка и енергетска безбедност, Владата на Мицкоски турка приватни и странски проекти без никаква корист за македонските граѓани!- порачуваат од оваа партија.
Притоа Левица прашува зошто државната ЕСМ, која располага со човечки капацитети, инфраструктура и знаење, не ги добива овие проекти, туку е системски запоставувана и задолжувана? За чии интереси работи Владата кога на секоја прес-конференција промовира туѓи пари, туѓи фирми и туѓи енергетски капацитети?
-Граѓаните се излажани! Во своите изјави, премиерот Мицкоски тврди дека „100.000 домаќинства ќе се снабдуваат со струја од ветерниот парк“, но Владата отворено признава дека проектот е чисто комерцијален, што значи дека струјата ќе се продава таму каде што ќе се понуди највисока цена, односно на странските пазари! Ова е брутална лага и манипулација со македонската јавност. Ова не е инвестиција во интерес на граѓаните, туку бизнис зделка без никакви обврски за инвеститорот кон државата. Македонија повторно ја дава својата земја, ветер, ресурси, за профит на странски фирми, без никаква гаранција и можност граѓаните да добијат поевтина или посигурна струја.
Сето ова отвора сериозно прашање, дали „енергетичарот“ Мицкоски има само една цел: да ја уништи државната енергетика и потоа да ја продаде за ситни пари, додека паралелно промовира странски бизниси кои не нудат ништо за македонскиот народ? Целата оваа инвестиција не е ништо повеќе од уште еден грабеж на природните ресурси на Македонија. Струјата од ветерниот парк нема да заврши кај народот, туку ќе се извезува во странство, а сметките за струја во Македонија ќе продолжат да растат, порачуваат од Левица.