Левица: Неизгласувањето на измените на Изборниот законик е перфиден театар на однародените елити

Левица ја нарече перфиден театар денешната вонредна аседница на Собранието на која не беа изгласани измените на Изборниот законик со кои се утврдува начинот на учество на независните кандидати на изборите.
-Денешната неуспешна вонредна седница за измена на Изборниот законик, на само два месеца пред денот на локалните избори, претставува уште еден политички циркус во режија на ДПМНЕ. Истата таа партија која во овој мандат за сопствени интереси успеа со ДУИ да најде заеднички јазик за донесување на два системски закони, денес, кога треба да се заштити демократијата и да се овозможи непречена трка на политичките субјекти – одеднаш, Бадентеровото мнозинство стана проблем. Потсетуваме и дека токму премиерот Мицкоски пред неколку месеци тврдеше дека мнозинството е стабилно и дека Бадентерот не им е проблем. Ова се двојни аршини и перфиден обид за замајување на јавноста, оценува Левица во јавното обраќање.
-Левица, иако Законот пристигна само еден ден пред седницата, успеа да подготви и поднесе амандман со разумен праг од 0,5% наспроти предложените цинични 0,95%. Амандманот формално помина низ комисиските филтри и беше прифатен, но на пленарна седница, со добро позната политичка режија, истиот беше соборен. Со тоа уште еднаш се потврди дека „големите” партии се подготвени да ги газат демократските принципи кога станува збор за одржување на својот монопол на политичката сцена.
Народот мора да ги казни овие лицемерни и антинародни елити. Додека на хартија глумат бранители на демократијата, во пракса прават сѐ за да го спречат појавувањето на нови политички и граѓански иницијативи што би им се спротивставиле на нивниот коруптивен и клиентелистички картел. Левица, потсетуваме дека е единствена партија која континуирано се спротиставува на зголемувањето на прагот за независните листи, а во 2021 со близу илјада амандмани го блокираше првиот ваков обид на широката коалиција СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ. Остануваме единствената сила што доследно се бори за демократизација на изборниот процес и за рушење на привилегиите на овие компромитирани партии, порачаа од Левица.