Левица негира дека го купила имотот од извршители

Левица купила подрумски простории и приземје во објектот кој бил даден на изршител преку хипотекарен кредит од друга банка. Цената за квадратот е постигната во деловни преговори со банката, изјави денеска портпаролот на Левица и пратемик Амар Мециновиќ. Нагласува дека Левица не се наоѓа во морална стапица, бидејќи се уште сметаат дека извршувањето треба да се врати во рамките на судовите и дека доколку постои согласност од другите партии, повторно би поднеле вакон предлог-закон.
-Ние земавме подрумски простории за кои требаше реновирање и приземје. Се работи за хипотекарен кредит кој е земен, не од банката која го нудеше овој имот којшто бил конфискуван од извршител, туку од друга банка се обезбедија средства да се купат просториите и тие да се реновираат. Така во целата приказна нема никакво посредство од извршители, рече Мециновиќ на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, во деловни преговори со банката е постигната цената за која се зборува, додека кредитот е обезбеден од друга банка.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека тие не можат да поднесуваат морални равенки дека поднесувале закони против извршители, па потоа друго се случувало.
-Повторно ќе го предложиме тој закон ако се доблесни колегите од власта и од опозицијата и ќе гласаме. Не се наоѓаме во морална стапица, сметаме идеолошки, прагматично и во пракса дека приватните извршители се погрешна работа и дека извршувањето треба да се врати во рамките на судовите и во однос на тој наш став ова не е во никаква контрадиција, рече Мециновиќ.
Просториите можел да ги купи секој, додаде тој, бидејќи пред зградата стоел натпис.
Идејата за купување на простории на Левица дојде од девет години постоење и сметаме дека е време да ги обезбедиме нашите први централни простории како политички партии.
-Сите тие документи се достапни во катастарот за недвижности, а кога сме веќе кај тајни документи за нас како опозоција и за јавноста е многу поинтересно е тоа што високи функционери се потенцијално вклучени во излевање на службени тајни во нарко картели. Вадењето на документите за новите простории на Левица е во склоп на една поширока стратегија на ВМРО-ДПМНЕ која ја гледаме во последните денови, а тоа е дека напаѓаат синдикалци за високи плати, напаѓаат се тоа што се однесува на нив пробувајќи да ги поистоветат сите други општествени чинители со нивната криминогеност за така да ја израмнат работата па тие пак да бидат некако над сите. Но за јавноста е јасно дека нивниот криминален пристап е својствен само за нив, а не за другите партии, рече Мециновиќ.
Во однос на надзорната расправа во врска со трагедијата во Кочани, Мециновиќ кажа дека пратеникот од нивната партија Крмов ќе ја иницира, но оти во овој момент уште нема комуникација со другите политички партии за поддршка за нејзино одржување. За да се организира надзорна расправа потребни се потписи од 15 пратеници.
-Во Канцеларијата на Крмов веќе стои иницијативата со неговиот потпис, на тие потписи се надоврзани и други пратеници на Левица, и за тоа очекуваме дека ќе ја надополниме таа бројка од девет потписи кои ни фалат, но сметаме дека ќе ја надминеме таа бројка. Мислам дека е во интерес на сите политички чинители да се одржи таа надзорна расправа, рече Мециновиќ на прес-конференцијата.