Левица: Недозволиво е заради полнење џебови на неколку олигарси да се загрозува здравјето на целото население


Политичката партија Левица предлага конкретни решенија за почист воздух, со оценка дека иако Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот, владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не покажува интерес за решавање на проблемот, додека инспекциските служби и министерот Изерт  Меџити, наместо неопходни мерки, останале заспани во зимскиот сон.
 
„Ситуацијата е крајно алармантна и затоа Левица бара итни и неодложни краткорочни мерки за намалување на загадувањето кои можат веднаш да се спроведат преку координација на градските власти и институциите: 
 
• Спроведување на итни инспекциски надзори, изрекување казни и забрана за работа на загадувачите за кои се утврдило дека загадуваат повеќе од дозволеното;
 
• Машинско чистење на улиците од насобраната прашина со специјализирани возила за перење и правосмукање;
 
• Поставување на високоефикасни електростатски филтри на оџаците на сите големи индустриски капацитети кои загадуваат, како што се ,,Цементара”, ,,Железара”, ,,Макстил”, ,,Југохром”, ,,Дрисла” итн., како и инсталирање прецизни сензори за мерење на емисиите;
 
• Враќање на акцизата за јаглен-кокс, со цел дестимулирање на увозот на овој штетен енергенс кој се користи во тешката индустрија;
 
• Итна акредитација на централната државна лабораторија во Министерството за животна средина за научна и строга контрола на извештаите за квалитетот на воздухот;
 
• Јасни ингеренции за Град Скопје во областа на инспекцијата и итното интервенирање при зголемено загадување, горење на отпад и сл.
 
Нагласуваме дека власта мора да излезе од матрицата на интересите на крупниот капитал. Недозволиво е заради полнењето џебови на неколку олигарси да биде доведено во опасност здравјето на целото население! Ја повикуваме Владата и пред се министерот Меџити, барем еднаш интересите на граѓаните да ги стават пред интересите на нивните спонзори, порачува Левица.