Левица: Муцунски во посета на држава обвинета за геноцид
Според партијата Владата дава широка материјална и морална поддршка на докажани криминалци на светската политичка сцена кои отворено најавуваат, извршуваат и прославуваат воени злосторства
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Тимчо Муцунски, деновиве претстојува во посета на неговиот колега, инаку осомничен воен злосторник Гидеон Саар, кој е познат по ставовите дека нема да дозволи постоење на палестинска држава и кој сесрдно се залага за анексија на Западниот Брег, за илегална воена окупација на територии во Сирија и Либан итн. Тој е и еден од главните осомничени за организираното грабнување, затворање и злоставување на д-р Хусам Абу Сафијех – директор на болницата Камал Адван во Газа – која беше целосно уништена како последица на израелска опсада во 2024 година.
Освен тоа што самата посета на држава обвинета за геноцид пред Меѓународниот кривичен суд му штети на меѓународниот углед на Република Македонија, Муцунски најавува унапредување на билатералните односи, продлабочување на соработката и потпишување неколкумина документи. Таков е образецот на работа на Владата на Република Македонија која се подлабоко се вмешува и дава широка материјална и морална поддршка на докажани криминалци на светската политичка сцена кои отворено најавуваат, извршуваат и прославуваат воени злосторства.
Муцунски, кој одбивањето на Декларацијата за признавањето на независноста на палестинската држава поднесено од Левица во Собранието, го оправда со „нераководење со емоции“ во надворешната политика и македонските меѓународни интереси алудирајќи на наводна опасност на емпатијата која македонскиот народ ја изразува кон Палестинците; очигледно затајува во изразување елементарни емоции при својата тековна посета, како што се одвратност кон џелатите и убици на цели семејства вклучувајќи и деца, коментира Левица.
Партијата го потсетува министерот дека со „продлабочувањето на соработката„ со глобални криминални структури како Израел, Муцунски ја вмешува Република Македонија и нејзините граѓани во криминални дејствија“.
„Апелираме до министерот и целата влада да се свестат во поглед на ова очигледно ставање на државата во опасност и да се обидат да создадат визија вон нивните стеснети политикантски погледи – да не ја обесчестуваат и врзуваат државава со опасни и непредвидливи субјекти, туркајќи ја во авантури кои не можат да имаат поволен крај и кои можат да ја дестабилизираат Република Македонија.
На Муцунски и целата Влада предводена од ДПМНЕ им порачуваме дека македонските граѓани никогаш нема да ја прифатат сѐ поочигледната соработка на оваа назадна гарнитура со најприкажаните криминалци на светската политичка сцена. Македонскиот народ и државна традиција ја одликуваат слободарски и човекољубиви побуди и дејанија, а не опортунизам и колаборација со најреакционерните структури во рамките на светската политика“, порачуваат од Левица.