Левица: Мицкоски ја претвора Македонија во услужен сервис на Софија


 

Левица го нарече ВМРО-ДПМНЕ „однародена“ партија, а надворешната политика на министерот Тимчо Муцунски „дезориентирана“. Овие квалификации се реакција на предлогот на премиерот Христијан Мицкоски заедно со Бугарија да предложиме резолуција во Европскиот парламент за заштита на „многувековниот македонски идентитет и јазик“.

„Однародената ДПМНЕ ја прифаќа играта на големобугарските империјалисти и го става на маса македонскиот идентитет и јазик инсистирајќи на заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент со што фактички се согласува да ги проблематизира овие носечки столбови на македонската државност и самобитност. Дезориентираната надворешна политика на Муцунски овие непобитни ставки ги доведува во позиција да станат предмет на договор, со што македонскиот народ и држава ги става пред повторно склучување компромис околу суштински прашања, како при Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство“ соопштија денеска од Левица.

Од партијата велат „наместо цврсто да стои на ставот дека македонскиот јазик и идентитет (одамна признаени од ОН и научната јавност) се неспорни, МНР се надоврзува на срамната Резолуција на Европскиот парламент со обид за нејзина практична имплементација, токму она што Софија со нетрпение го очекува. Заедничка резолуција со земја која со децении ги негира нашите основни права и има иредентистички аспирации значи прифаќање на услови кои директно го поткопуваат македонското самоопределување“.

Од партијата уште нагласуваат:

„Не помина многу време од кога Мицкоски хистерично тврдеше дека ‘ако се преговара за јазикот, прекројување на историјата и македонскиот идентитет, договорот за добрососедство не важи’. Денес, истиот тој си ги гази зборовите и ја претвора Република Македонија во услужен сервис на Софија. На дело гледаме како ‘патриотите’ од ДПМНЕ, штом седнаа во фотелјите на власт, не само што го продолжија курсот на капитулација на нивните претходници од СДС, туку и го продлабочуваат. Со ДПМНЕ на власт, Македонија уште побрзо се претвора во држава без став и кичма, која тргува со историјата и идентитетот за неколку тапкања по рамо од странство… и се вплеткува до дипломатски стапици“.