Левица ќе ги плати судските трошоци на Ламбе Алабаковски
И партијата Левица се понуди да ги плати судските тропоци на Ламбе Алабаковски порачувајќи дека единствен кој треба да се гони кривично е претседателот на здружението „Ванчо Михајлов”.
-Денешната објава за експресно апсење на лицето кое го запали клубот, што го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, само потврди дека власта на СДСМ и ДУИ е во целосна служба на бугарскиот неоврховизам.Потсетуваме дека Левица пред еден месец поднесе кривична пријава против претседателот на здружението „Ванчо Михајлов”, поради „излагање на подбив на македонскиот народ“ и „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. За оваа кривична пријава, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка.
Повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза. Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Аламбаковски. Секоја друга пресуда, освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ!
Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Алабаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната, стои во реакцијата на Левица.
Се јави и дежурниот патриот Игор Дурловски кој по пет години повторно повика на протест.
Во исто време министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, информираше дека е приведено 34 годишното лице Л.А од Битола, за потпалувањето на влезната врата на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на 4 јуни. МВР бара одредување мерка притвор заради тоа што, нагласи Спасовски, се исполнети условите по однос на таквото барање.
Прашан од новинарите дали се работи за Ламбе Алабаковски, министерот Спасовски само посочи дека зборува за лице со иницијали Л.А, кое живее во Битола.
– Имаше опсежна активност на СВР Битола се преземаа многу активности, многу службени разговори се обавени, прегледан е многу материјал од видео надзор не само од објектот, туку и на повеќе објекти и на основа на сите податоци и информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело, изјави Спасовски, кој денеска е во работна посета на СВР Охрид.
Појасни дека доцна синоќа по наредба на надлежниот суд, по предлог на СВР Битола и надлежниот обвинител, извршен е претрес во домот и во неколку други објекти, што се сопственост на сторителот на кривичното дело и пронајдени се облеката и други предмети што се доведуваат во врска со кривичното дело.
– Имаме несоборливи докази, лицето е приведено во полициска станица и во моментот очекуваме дека ќе биде извесен пред надлежниот судија на претходна постапка, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.