Левица и ВМРО-ДПМНЕ се скараа околу наводни тајни средби за уставните промени

Прво Левица објави дека наводно, според нивни извори во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски имале разговори за промена на уставот според хрватскиот модел, за потоа веднаш од најголемата опозициска партија да реагираат оти тие обвинувања од Левица биле направени по нарачка од СДСМ. И навестија дека партијата ќе поднесе тужба доколку Левица не се извини за таквите тврдења.
Левица на прес-конференција соопшти дека „до нас пристигнуваат информации од луѓе на високи позиции во ВМРО-ДПМНЕ, за наводни разговори помеѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, со посредништво на структури од соседна Бугарија, кои кулминираат со најновата понуда за промена на уставот според хрватскиот модел.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку лагата за безболен ‘хрватски модел’ за менување на Уставот, обелодени дека совршено се вклопува во крајната цел на сегашниот неизбран премиер Димитар Ковачевски и пробугарската СДС.
Јасни се насилничките притисоци кои се вршат врз државата и кои не соодветствуваат на каква било европска иднина. Јасно е и дека ВМРО-ДПМНЕ се приклучува кон разнебитувањето кое го предводи Димитар Ковачевски. Но, повеќе од се, јасни се опасностите кои неуморно демнат од бугарските служби, според чија директива се управуваат нашите домашни политичари“, рекоа од Левица.
Сите тие наводи ги демантираа од ВМРО-ДПМНЕ, кое преку соопштение порача дека „ниту имало тајни средби, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат.
Затоа против Левица ќе биде покрената тужба за клевета доколку не се извинат за лажните тврдења.
Единствените можеби тајни средби се тие на Апасиев кога добива задачи од Богданка Кузеска за посериозни нарачки. Но тоа не го менува фактот дека коалицијата СДС-Левица е јавна и транспарентна“.
На маргините на оваа јавна караница во Општина Аеродром се случи заедништво меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Советниците на Левица предложија, а нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ прифатија, трганиот споменик на крвавиот егзекутор на ВМРО, Андон Јанев – Ќосето, да биде поставен во атарот на општината, во паркот во Горно Лисиче.