Левица го бојкотираше говорот на претседателот „без кичма и карактер“

Левица го нарече Пендаровски „ситнодушест буржуј, кариерист и империјалистички слуга“


Борислав Крмов (Фото: Б. Грданоски)

 

Нашите пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на т.н. „шеф на државата“, кој ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“, порачаа пред обраќањето на претседателот Стево Пендаровски од партијата Левица, која единствена не беше присутна на настанот и која само потврди дека секогаш ќе има политички аматери на кои плурализмот и демократијата им дозволува – да не трпат тужи мислења и политики.

„Сметаме дека еден ваков ситнодушест буржуј, без кичма и карактер, кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам и великоалбански сецесионизам, кој сервилно го одмолчува секојдневното подигрување со инсигниите на македонската нација и негирањето на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите народни пратеници и на пошироката јавност.

Пендаровски, познат по своите психички неурамнотежени испади на прес-конференции, по својот некреативен дрвен и папагалски новоговор и апологет на поданичкиот невизионерски НАТО фундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински прифатен како обединувачки ‘татко на нацијата’. Овој кариерист и империјалистички слуга е еден обичен приврзок на лузерскиот заевизам и како таков ќе биде запаметен и сместен на гнојарникот на историјата. Тој е промотор на антимакедонската сервилна меѓународна политика, која преку вазалство и национално понижување на Македонците, републиката ни ја направи протекторат на западните корумпирани елити“, порачаа од Левица гледајќи шанса да соберат некој политички поен со ваква политичка екстраваганција од примитивизам.