Левица ги навела сите уапсени полицајци во кривичната пријава против Мицкоски
Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, се јави на Фејсбук за последните приведувања на полициски службеници околу трагедијата во Кочани.
„Сите наведени валкани полицајци од кривичната пријава на Левица против премиерот Мицкоски се уапсени. Вака ли ‘сѐ беше чисто’ и никого не штитевте за трагедијата во Кочани!?“, вели Апасиев.
Тој ја прозва власта зошто дури после три месеци постапува и праша колку докази се уништени во меѓувреме.
На 28 мај, пратеничката група на Левица поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски за кривично дело „попречување на правдата“, поврзано со трагедијата во Кочани. Во поднесената кривична пријава, Левица наведе повеќе функционери кои не беа опфатени тогаш во истрагата. Меѓу нив беа началничката на ОВР Кочани, началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, началникот на СВР Штип, главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, сменоводителот во ПС Кочани, сопственикот на приватната агенција за обезбедување и директорот на ДПИ, Влатко Стојковски.