Левица: Економијата расте на хартија, сиромаштијата расте во реалноста


Додека власта си мери економија во проценти, народот мери со празни паричници и недостижна потрошувачка кошничка. Додека од една страна Мицкоски и неговите министри секојдневно зборуваат за позитивни трендови и раст на економијата, од друга страна  зголемената сиромаштија, ниските плати и растечките цени не претставуваат позитивен тренд за работникот, пензионерот, студентот, велат од Левица.

Според оваа партија, инфлацијата и понатаму го јаде животниот стандард. ММФ, потсетуваат, прогнозира инфлација од 3,4% за оваа година.

„Невработеноста кај младите останува проблем број еден. Растот е со намалена надворешна побарувачка, трговската несигурност на ЕУ дополнително се заканува на извозот. Светскабанка во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија од само 2,6%, што е најмал раст во Западен Балкан за оваа година, а е далеку од амбициозната владина прогноза од 3,7%, која министерката за финансии ја нарекува реална“.

Левица бара економија по мерка на граѓаните, не на елитите.

„Системска поддршка на домашното производство наместо потпирање на странски компании со државни субвенции. Намалување на ДДВ за основни продукти и електрична енергија. Зголемување на минималната плата на 500 ева. Системска помош за сиромашните и невработените, наместо лажна слика за раст“, бараат Левица.