Левица: Агенцијата за обезбедување на „Пулс“ на иста адреса со функционер на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, која ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ во Кочани, е регистрирана на истата адреса на која се води и Центарот за безбедносни истражувања, каде директор е Александар Нацев, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, обвинија од Левица.

Вториот момент, за којшто велат дека укажува на партиски врски е тоа што како сопственик на агенцијата „Рубикон“ се јавува лицето Јане Јанчески, кој како што посочуваат, истовремено е заменик-директор во Центарот со кој раководи Александар Нацев.

– Додека власта се обидува секое барање на вистината да го замолчи со дегутантни етикети како „лешинарење“, очигледно е дека истрагата која се води за најголемата трагедија е повеќе од селективна. Весникот „Фокус“ објави скандалозни информации со кои агенцијата „Рубикон“, која ја обезбедувала дискотеката на смртта, е регистрирана на иста адреса со институт управуван од вмровски функционер.

Односно, агенцијата „Рубикон“ е регистрирана на ул. „Христо Татарчев“ бр. 79 во скопската населба Кисела Вода. На истата адреса се води и Центарот за безбедносни истражувања, каде директор е Александар Нацев, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ. Вториот момент кој укажува на партиски врски е тоа што како сопственик на агенцијата „Рубикон“ се јавува лицето Јане Јанчески. Токму сопственикот на агенцијата „Рубикон“ истовремено е заменик-директор во Центарот со кој раководи Александар Нацев – наведуваат од партијата.

За партиската позадина на Нацев, велат дека е повеќе од јасно, со оглед на фактот дека тој е поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, за време на власта на Груевски. Дека се работи за параван-компанија зад која стои вмровски функционер, според Левица, говори фактот што токму агенцијата „Рубикон“, веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ стапи на власт во општините, почнува да добива тендери за обезбедување на училиштата, управувани од вмровски директори.

„Нема сомнежи дека партијата на Мицкоски има искуство со формирање параван-агенции за обезбедување, како што претходно беше случајот со познатата агенција „СГС“ на Сашо Мијалков. И два месеци после трагедијата, власта се обидува да ја сокрие поврзаноста на нивниот член Александар Нацев со агенцијата „Рубикон“. Напротив, премиерот Мицкоски децидно отфрлаше  каква било поврзаност на оваа агенција за обезбедување со неговата партија и најавуваше оставка доколку не е така“, се додава во соопштението.

Левица прашува: дали е доволна поврзаност што формалниот сопственик на „Рубикон“ е заменик-директор во центар на нивен поранешен функционер и што агенцијата за обезбедување дели иста адреса со овој центар?