Летово ќе се реконструираат 14 улици во Општина Центар


Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денес изврши увид во реконструкцијата на три улици во населба Крњево, улиците „164“, „166“ и „Хусеин Бајрам“, кои се реконструираат по повеќе од 40 години. Градежните зафати опфаќаат поставување на нов коловоз, тротоари, рабници и атмосферска и водоводна канализација.

На улицата „164“ се изведува 250 метри фекална и 270 метри водоводна канализација, се врши замена на долниот строј, се поставува 1.375 метри квадратни нов асфалт, 254 метри квадратни тротоари и нови рабници од двете страни по цела должина на улицата.

На улицата „166“ во тек е изведбата на 185 метри водоводна канализација. Покрај канализацијата, се поставуваат и 1.017 метри квадратни нов асфалт, 231 метар квадратен тротоари и рабници од двете страни по цела должина на улицата.

Улицата „Хусеин Бајрам“ добива 924 метри квадратни нов асфалт, тротоари со површина од 545 метри квадратни и нова водоводна и фекална канализација.

„Со овие реконструкции граѓаните на населбата Крњево по повеќе од четири декади, добиваат нови, безбедни и квалитетни улици, изградени со најсовремени материјали. Нашите активности не застануваат тука, продолжуваме со реконструкциите и во наредниот период. Први наредни улици се крак од „Тасино Чешмиче“ и улицата „Драмска“, а ќе се реконструираат и уште девет други“, изјави при денешната посета градоначалникот Богдановиќ.

Општина Центар во изминатиот период реконструираше други 23 улици, а со овие 14 кои се на ред за реконструкција до крајот на летото, се добива вкупна бројка од 37 реконструирани сервисни улици.