Летонија нема да ги прими Русите што бегаат од мобилизација


Летонија  нема да ги прифати оние кои бегаат од Русија поради мобилизација.

 „Поради безбедносни причини, Летонија нема да обезбеди хуманитарни или други визи за руските граѓани кои избегнуваат мобилизација, ниту ќе ги промени условите за преминување на границата“, изјави летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевич.

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој нареди делумна мобилизација. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти. Во Русија има вкупно 25 милиони резервисти.

Инаку, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да одговори на прашањата за евентуално затворање на границите на Русија за да се спречи бегството на воено способни мажи, откако беше најавена делумна мобилизација за потреби за војната во Украина.

  Билетите за летовите од Русија денеска брзо се распродадоа, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди итна мобилизација на 300.000 резервисти. Песков изјави дека руската влада „многу наскоро“ ќе објави кои категории граѓани ќе бидат ослободени од мобилизација.