Летале чаши со кафе во Собранието, Апасиев и Ристески од ВМРО-ДПМНЕ се „фатиле за гуша“


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески

 

Станува нервозно во Собранието. Во таа нервоза се вклучени одредени пратеници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, особено оние кои најмногу се споменуваат за огромните патни трошоци.

Денеска се случил инцидент во собраниските ходници меѓу лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, попознат како Пеката. Според очевидци, пратеникот Ристески му забележал на Апасиев дека му ги објавуваат патните трошоци и почнал со навреди на лична основа, на што бурно реагирал лидерот на Левица.

Во навредите, наводно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ ги споменал сопругата и детето на Апасиев. 

„Не може секој пат кога ќе се сретнеме да ми пцуе жена и дете поради тоа што му ги објавивме патните трошоци“, изјави Апасиев за „Фокус“ по инцидентот.

Петар Ристески е незадоволен затоа што Левица објави оти тој зел најголеми патни трошоци, околу 14.300 евра.

„Тој ме запре во ходникот и ми вели ‘прекини да ми објавуваш патни трошоци’. Јас му викам прекини да ми пцуеш жена и деца. Тој ми врати: ‘Не само што ќе ти пцујам, туку и ќе те изнатепам’. Јас пробувам да деескалирам, а тој немаше што да врати и ме фати за врат. Јас спуштив телефон и со филџанот во врат. Едно е да ме пцуеш, ругаш, но да ми се ставиш во аура и да ме фатиш за врат а притоа да ми пцуеш бремена сопруга и дете, тоа нема да го дозволам. Следен пат, нога во глава ќе добие ако ми пцуе жена и деца. Му реков ќе те тепам во пленарна“, рече Апасиев за „Фокус“.

Димитар Апасиев (Фото: Б. Грданоски)

Неколку пратеници и други луѓе ги оттргнале еден од друг.

„Сѐ е поради патните трошоци на Пеката. Тој е исфрустриран, прави гангстерски притисок и со месеци трпи цела пратеничка група на Левица. Ова трае со месеци, а реагиравме и институционално, но не добивме заштита. Левица од денеска самата се заштитува“, додаде Апасиев за „Фокус“.

Пратеникот Петар Ристески, со статус на Фејсбук го објаснуваше инцидентот, иако во неговата објава нема детали туку карактеристики дека Апасиев бил „шизофрен“.

„Од причина што се појавија шпекулации за еден немил настан во Собранието предизвикан од хистеричниот и нервен лидер на Левица, Димче Апасиев, би сакал да појаснам дека наводите споменати во дел од медиумите не се точни и не е првпат хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликтност физичка или вербална, сакајќи на тој начин да привлече внимание.

Нам ни преостанува или да ги игнорираме неговите лудувања или да одговориме соодветно по принципот на ‘Среќна нова 49-та’. Грешка е да му се одговори и да се падне на тоа негово ниво на однесување, посебно во светло на едно неуротичност и шизофреност која е евидентна, кога се прави принципиелен коректен професор пред јавноста и зад камерите кога испливуваат неговите најмрачни страни.

Неговата кавга е по принципот навреди на безбедно растојание, па ‘мајка бежанија’, која му ја исполни денешната цел и смисла на постоењето, а тоа е да добие дел од медиумското внимание, нешто кое се заслужува со подвизи, проекти, идеи, визија, програми, принципи, а не со циркус каков што тој неретко приредува.

Токму затоа и неговата партија е бетонирана на 4,5% рејтинг, како одличен спаринг партнер на СДСМ и ДУИ, и токму затоа тој е драгоценост која мора да се негува и од тој аспект и кон него изразувам жалење за специфичната состојба во која овој лик се наоѓа и кој секој ден не пропушта да го руши угледот на институцијата. Аман Димче, не плачи. Доста е“, напиша Ристески на Фејсбук.

На инцидентот му претходеше излагањето на пратеникот на Левица Сашко Јанчев кој од собраниската говорница побара службите на Собранието и генералниот секретар да ги објават информациите кој пратеник колку патни трошоци и кирии наплатил.

„На барањето не е одговорено повеќе од три месеци. Пратеничката Мојсоска поднесе барање и како граѓанин, по закон за пристап до информации од јавен карактер. Го испрати како граѓанин затоа што како пратеник не ѝ одговараат. На тоа барање се одговори, но половично. Деградација на пратеничка функција е службите и генералниот секретар да не ги третираат пратениците како пратеници“, кажа Јанчев.