Лепа Брена доби отштета за скршеницата на концертот во Загреб


Фото: Б. Богдановска

Откако го скрши скочниот зглоб на настап во Загреб во декември кога врз неа падна член на техничкиот тим, српските медиуми објавија дека Лепа Брена успеала да инкасира 30.000 евра отштета од осигурување.
Како што пишуваат српските медиуми, 64-годишната пејачка со години плаќала осигурување и благодарение на тоа ѝ биле вратени трошоците за лекови и операција во приватна клиника во Хрватска.

„Брена е многу внимателна за своето здравје, живот и околностите кои можат да доведат до повреди. Свесна е дека се случуваат повреди на работа и затоа со години плаќа осигурување. Ми се чини дека плаќа годишна премија од 1.000 евра и дека неодамна ѝ биле вратени 30.000 евра за тешката повреда што ја добила. Со тоа ги платила сите потребни трошоци за операција, лекови и рехабилитација”, изјавил извор за Курир.рс.

Инаку, несреќата се случи за време на еден од настапите во загрепската Арена, но тоа не ја спречило да го изведе концертот до крај. Потоа беше на операција. Ниту повредата ниту патериците не ја спречија да продолжи со настапите по 18 дена.

За потсетување, Брена неодамна објави фотографии од егзотичен одмор со семејството. Таа заедно со сопругот Слободан Бобо Живојиновиќ, пријателката и соработничка Ката Томовиќ, синот Виктор и неговата девојка Софија Спасојевиќ отпатува за Тајланд.

Судејќи по фотографиите на кои не носи гипс и не користи медицински помагала, може да се каже дека успешно се опоравува и е подготвена за нови настапи. Бидејќи таа одржа три од првичните пет закажани настапи во Загреб, преостанатите концерти во главниот град на Хрватска ќе се одржат на 21 и 22 март годинава.