Ленче Ристоска веќе не се бори со ветерници. Поднесе оставка како обвинител
Ристоска работеше на високопрофилни случаи. Новиот државен обвинител Савески ѝ ги одзеде овластувањата за случаите поврзани со корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ
Новиот државен јавен обвинител може да биде задоволен. Ја однесе првата „победа“. Задоволна може да биде и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Едно од најпрепознатливите лица во македонското обвинителство и професионалец со многу висок углед, Ленче Ристоска, поднесе оставка на функцијата и го напушта обвинителството. Таа беше дел од Специјалното јавно обвинителство.
Тоа доаѓа само еден ден откако државниот обвинител Ненад Савески ги повлече сите обвинителски овластувања и со тоа Ристоска ги загуби застапувањата во случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ поврзани со корупцијата на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беа единствените два случаи на коишто работеше таа.
Ристоска во изјавата за нејзината оставка вели дека е разочарана од состојбата во која се наоѓа Обвинителството. Потоа, дека отфрлањето на нејзината претставка до Советот на јавни обвинители за нападите и омаловажувањата од страна на премиерот Христијан Мицкоски било дополнителна капка што ја прелила чашата. Претходно Мицкоски во интервју на телевизија грубо кажа дека отпаѓа нејзината канидатура за нов државен обвинител.
Вчера владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја нарече Ленче Ристоска и уште други троја обвинители од Специјалното јавно обвинителство „багра“ и ги обвини дека биле „дел од истиот апарат кој ја погребуваше правдата“.
Состојбата во јавното обвинителство влегува во политички и друг вител. Ненад Савески на свој начин придонесе за тоа за само десетина дена откако е на функцијата.
Што напиша Ленче Ристоска во својата оставка? Еве го целиот текст:
„Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како позив и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните. Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи.
Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера.
Сите тие напори сакав да ги заокружам од раководна позиција преку мојата кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци. Верував дека е дојдено времето за институција, чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните.
Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза. Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.
Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција.
Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба“. (Н.В.)