Лекцијата на Ленин за Израел и Украина

Ако постои еден елемент од политичкото наследство на Владимир Ленин што вреди да се пофали еден век по неговата смрт, тоа е неговиот увид во она што е потребно за да се остане вистински верен на својата кауза. Без разлика дали во Израел или Украина денес, единствениот политички пат напред е оној што избегнува слеп догматизам и циничен опортунизам


Сега е еден век од смртта на Владимир Ленин и повеќе од три децении откако пропадна неговиот болшевички проект. Но, иако голем дел од неговиот политички живот беше многу проблематичен од денешна перспектива, неговиот беспрекорен прагматизам, како што некој може да го нарече, сè уште има корист.

Потсетете се на добро познатата посветеност на Ленин за „конкретна анализа на конкретната ситуација“. Мора да се избегнува и догматската верност кон каузата и непринципиелниот опортунизам. Под брзо променливи услови на реалниот свет, единствениот начин да се остане вистински верен на принципот – да се остане „ортодоксен“ во позитивна смисла на терминот – е да се промени сопствената позиција. Така, во 1922 година, откако ја добија граѓанската војна иако сѐ изгледаше поинаку, болшевиците ја прифатија „Новата економска политика“, дозволувајќи многу поширок опсег на приватната сопственост и пазарот.

Во објаснувањето на оваа одлука, Ленин ја користел аналогијата на планинар кој мора да се повлече „за да скокне понатаму напред“. По набројувањето на достигнувањата и неуспесите на новата советска држава, тој заклучи: „Комунистите кои немаат илузии, кои не отстапуваат место на очајот и кои ја чуваат својата сила и флексибилност ‘да почнат од почеток’ одново и одново при приближувањето кон крајно тешка задача, не се осудени на пропаст (и по секоја веројатност нема да исчезнат)“.

Се слушаат одгласите на Серен Кјркегард, данскиот теолог од кој марксистите можат многу да научат. Секој револуционерен процес, веруваше Ленин, не е постепен, туку се повторува, движење на повторување на почетокот повторно и повторно.

Колку е подобро да доловиме каде сме денес? По „нејасната катастрофа“ од 1989 година, која стави дефинитивен крај на епохата што започна со Октомвриската револуција во 1917 година, повеќе не може да се припишува никаков континуитет на она што значеше „левицата“ во последните два века. Иако неизбришливите моменти како јакобинската кулминација на Француската револуција и Октомвриската револуција ќе останат во нашето сеќавање, тие приказни се завршени. Сè треба да се преиспита од нова почетна точка.

Новиот пристап е поважен од кога било сега кога глобалниот капитализам стана единствената вистинска револуционерна сила. Она што останува од левицата е опседнато со заштита на старите достигнувања на социјалната држава, проект кој во голема мера игнорира колку капитализмот ја промени текстурата на нашите општества во последните неколку децении.

Има исклучоци, се разбира. Меѓу ретките теоретичари и политичари кои го препознаа овој процес каков што е, е Јанис Варуфакис. Капитализмот, тврди тој, се претвора во техно-феудализам, поради што традиционалната антикапиталистичка реторика ја губи својата сила. Импликацијата е дека треба да ја напуштиме социјалдемократијата и нејзината централна идеја за лево-либерална социјална држава.

На правилно ленинистички начин, Варуфакис гледа дека предметот на нашата критичка анализа (капитализмот) е променет и ние мора да се менуваме со него. Во спротивно, само ќе му помогнеме на капитализмот да се ревитализира во нова форма.

Лениновата форма на прагматизам во никој случај не е достапна само за левицата. Минатиот месец, Ами Ајалон, поранешен водач на Шин Бет (Израелската служба за внатрешна безбедност), повика на промена на парадигмата: „Ние Израелците ќе имаме безбедност само кога тие, Палестинците, ќе имаат надеж. Ова е равенката“. Бидејќи Израел нема да биде безбеден додека Палестинците немаат своја држава, израелските власти треба да го ослободат Марван Баргути, затворениот водач на Втората интифада, за да ги води преговорите за создавање на држава.

„Погледнете ги палестинските избори“, вели Ајалон. „Тој е единствениот лидер кој може да ги води Палестинците до држава покрај Израел. Прво затоа што верува во концептот на две држави, а второ затоа што го доби својот легитимитет седејќи во нашите затвори“. Навистина, многумина го гледаат Баргути (кој е затворен повеќе од две децении) како еден вид палестински Нелсон Мандела.

Или разгледајте уште поизненаден пример. Минатата недела, началникот на украинската армија, Валериј Залужни, по медиумските извештаи дека наскоро може да биде разрешен од функцијата, објави коментар во кој ги изложи своите приоритети за Украина и ги идентификува највисоките приоритети за воените напори. „Предизвикот за нашите вооружени сили не може да се потцени“, напиша тој. „Тоа е да се создаде целосно нов државен систем на технолошко превооружување“.

Тоа значи удвојување на „беспилотните системи – како што се беспилотните летала – заедно со други видови напредни оружја, кои обезбедуваат најдобар начин Украина да избегне да биде вовлечена во позициска војна, каде што ние немаме предност“. „Железниот генерал“, како што понекогаш го нарекуваат, тогаш призна дека, кога клучните сојузници се борат со сопствените политички тензии, Украина мора да се подготви за намалување на воената поддршка.

Краткиот коментар на Залужни го гледам како ленинистичка (т.е. принципиелно-прагматична) интервенција. Точно, радикалните левичари и самиот Залужни ќе ја сметаат оваа карактеристика како апсурдна, а јас не сум експерт за борбите за моќ што моментално се водат во Украина, ниту за улогата на Залужни во нив. Сè што велам е дека Залужни вешто ја комбинира верноста кон целта (одржување на украинската независност и територијален интегритет како демократска држава) со конкретна анализа на ситуацијата на бојното поле.

Отворено кажано, ја поминавме херојската фаза на народниот отпор кон напаѓачот и блиската лична борба на првите борбени линии. Украина мора да се преориентира со усвојување на нови технологии соодветни на долготрајна војна и со тоа што ќе ја надмине растечката неподготвеност на западните земји да испорачаат помош на неодредено време. Украина, исто така, ќе треба да си ја среди својата куќа, со поодлучно дејствување против корупцијата и олигарсите и со јасно артикулирање за што се бори.

Пред сè, на Украина ѝ треба заедничка визија која не е тесно националистичка или дефинирана со сомнеж дека украинската левица е проруска. За да ги издржат ефектите на исцрпеноста од војната, Украинците мора да се стават во кожата на планинарот на Ленин.

(Славој Жижек, професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии, е меѓународен директор на Институтот за хуманистички науки Биркбек на Универзитетот во Лондон. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)