Лекарската комора реагира на изнесувањето ставови без медицински докази за короната нестручни


Лекарската комора преку соопштение најостро реагира на тоа што во последно време сè почесто во средствата за јавно информирање се публикуваат написи, коментари, изјави и интервјуа на доктори чии ставови не се базирани на медицински докази или на лично искуство и директна работа со Ковид пациенти.

Со ова целосно, посочуваат од Лекарската комора, се девалвира трудот на докторите кои се вклучени во лекувањето на заболените со Ковид-19.

Индивидуалните, неаргументирани тврдења за Ковид-19 на доктори и здравствените работници населението може да ги сфати сериозно, а со употребата на термини како „грешки во лекување” се нанесува директна штета на угледот на целата лекарска фела и се создава страв и недоверба кај граѓаните во здравствениот систем и здравствените работници. Ваквите ставови можат да влијаат врз одлуката на пациентите да не побараат медицинска помош и со тоа директно да го загрозат своето здравје, но и да поттикнат вербални и физички напади врз здравствените работници, потенцираат од Лекарската комора.

Од Лекарската комора апелираат до докторите и здравствените работници кои настапуваат во јавност, тоа да го прават со сериозен и стручен пристап, со точни информации и научни доктрини, аргументирани и поткрепени со докази.

Докторите и здравствените работници не смеат да заборават дека нивната улога во справувањето со пандемијата е клучна, а секој поединец треба да даде придонес и поддршка на своите колеги кои работат со пациентите со Ковид -19. Голем број здравствени работници дури и доброволно се вклучија во борбата со Ковид -19 и сé уште се во жариштата на епидемијата во земјава, а борбата со вирусот и натаму ни претстои, до пронаоѓање на вакцина или лек, истакнуваат од Лекарската комора и се заблагодаруваат на ангажманот и пожртвуваноста на докторите и другите здравствени работници кои во време на глобална пандемија даваат придонес во лекувањето на болните од Ковид – 19.

Тие постојано се на првата линија на фронтот со вирусот, изложени на ризик по сопственото здравје, но и здравјето на своите најблиски. Дополнително, потсетуваме дека секој кој има сознанија дека во некоја здравствена установа не се постапува согласно протоколите за лекување, согласно етичките начела и доктрини, може да поднесе пријава до Лекарската комора, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и сите останати надлежни институции, стои во соопштението од Лекарската комора.