Леден бран од Арктикот се спушта над Европа


Фото: Б. Грданоски

Метеоролошкиот сервис „Севир ведер“ ЕУ објави дека температурите наскоро ќе бидат значително под просекот за ова време од годината, затоа што пристигнува многу студен арктички бран.

Како што пренесуваат медиумите, многу студен арктички бран кој се движи кон Европа ќе предизвика голем температурен пад, а метеоролозите предвидуваат дека во некои региони за само 24 часа температурите на воздухот ќе паднат и за 20 степени Целзиусови.

Значителното заладување веројатно ќе донесе и снежни вржени на Алпите и ќе предизвика бури на Медитеранот.

Се очекува и големо количество дожд. Поларниот студ веќе го зафати Балтикот и продолжи да се движи кон средна Европа. Се очекува заладувањето од Арктикот да стигне до Балканот кон крајот на неделата и да донесе температури за 10 степени пониски од просечните за ова време од годината.

Во Унгарија и во Романија ќе дојде до значителен пад на температурите па само за 24 часа температурите може да паднат и за 20 степени Целзиусови и ќе се приближат до нула. Според најавите на сервисот во четврток и петок, голема количина дожд, и до 150 милиметри локално ќе паднат во Италија, Словенија и Хрватска.

УХМР најави дека под влијание на влажен бран во четврток и петок ќе настапи наоблачување со врнежи од дожд. На места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветар.
Пообилни врнежи ќе има во четврток доцна попладне и во текот на ноќта кон петок, која на некои места ќе наврнат и над 30 литри на метар квадратен.
Ќе дува засилен северен ветар кој ќе предизвика значително опаѓање на температурата. Минималните ќе бидат од три до 12, а максималните дневни до 25 степени.

https://www.facebook.com/severeweatherEU/videos/245556166337058/?t=0