ЛДП: Оставката на Ристоска е доказ дека системот ги исфрла професионалците
Либерално-демократската партија вели дека биле потребни само неколку недели за јавноста да се увери оти изборот на новиот државен јавен обвинител не е чекор кон правда, туку обична замена на едно партиско влијание со друго. „Оставката на обвинителката Ленче Ристоска е само последната потврда дека системот ги исфрла професионалците за да направи простор за егзекутори на владините политики“, вели партијата.
ЛДП во соопштение нагласува дека требало да се слушне нејзиниот предлог – јавниот обвинител да се избира со двотретинско мнозинство во Собранието – за да не се дојде во ваква ситуација.
„Наместо консензус и професионализам, власта одбра партиски диктат. Не е само разочарувачки, туку е депресивно што нашите конструктивни предлози беа отфрлени само за да може белата палата на ДПМНЕ директно да ги диктира чекорите на обвинителството.
Ова не е само правно прашање, ова е прашање на опстанок. Наместо надеж за напредок, оваа власт ја погреба вербата во реформите. Последиците се погубни:
Неказнивост на криминалот – кога обвинителството е усогласено со партиските штабови, криминалот останува неказнет.
Економско страдање – без правна сигурност нема инвестиции, нема развој, туку само беда и мизерија. Со вакво судство, Македонија дефинитивно станува најбесперспективната и најсиромашната земја во Европа.
Без разлика колку соопштенија излегуваат од Владата за наводна работа на ‘реформската агенда’, ако овој пат на ‘реформи’ продолжи, пораката до граѓаните е јасна: заминете си, бидејќи тука правото е само алатка за моќните“, велат од ЛДП.