Лажни и денешните дојави за бомби во Скопје
Полицијата направи проверки во училиштата и трговски објекти и никаде не најде бомби. Втора дојава за бомби оваа недела во училиштата во Скопје

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информираат од МВР.
Во СВР Скопје денеска околу 09,30 часот било пријавено дека на електронска адреса на седум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Закани за поставени бомби пристигнале и за неколку трговски центри.
Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Исто така, пријавено е дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа и во ТЦ Ист Гејт, ТЦ Бисер, Транспортен центар, Флатрон и ПС Центар. Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Ова е втора дојава за бомби во училишта и институции во Скопје оваа недела. Во вторникот закани по меил добија девет средни училишта и Народна банка, за кои по полициската проверка беше утврдено дека биле лажни.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека серијата дојави до скопските училишта и институции во изминатиот период се класичен пример за хибридни закани и оти се води истрага.