Лажна објава на Фејсбук ги вознемири родителите – Има ли киднапери на деца низ Скопје?
На социјалните мрежи од вчера масовно се споделува фотографија на која се наоѓаат пет лица, со текст дека истите се киднапери на деца и дека се наоѓаат на територија на Скопје и Скопско.
Меѓу последно објавените постови е и на корисник на Фејсбук кој има напишано дека лицата денес се обиделе да ги грабнат неговите две внуки на подрачјето на Батинци, а случајот го пријавиле во полиција. Под објавата се нижат коментари во кои се наведуваат локации каде наводно претходно денес и изминативе денови биле видени истите лица.

По повод овој настан кој предизвика паника кај родителите се огласија од МВР.
– Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери. Апелираме да не се шират дезинформации по социјалните мрежи кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. Полицијата е присутна насекаде и ја гарантира безбедноста на граѓаните, се вели во нивното соопштение.