Лазаров: Никогаш не сум бил вака горд Македонец како деновиве
Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, за хрватските медиуми го анализираше сензационалниот подвиг на Вардар, кој спротивно од очекувањата, стана европски првак. Во сезоната на административна криза, „црвено-црните” покажаа неверојатни карактеристики на врвни спортисти и луѓе.
– Ова е бајка, настан за кој ќе се зборува уште многу години. Вардар стана симбол дека е можно и тоа што другите велат дека не е можно. Вардар стана инспирација за сите луѓе во светот, не само на спортистите, туку на сите аутсајдери, ги натера да сфатат дека во животот најважно е да веруваат, крваво да работат и да ги потрошат и последните капки крв и пот за да ги исполнат своите соништа. Тие момци седум-осум месеци немаа земено плата. Пред две години кога станаа европски прваци, беа финансиски моќни и тоа не беше големо изненадување. Но, тоа што се случи годинава е нешто поинакво. Во меѓувреме си заминаа неколку важни играчи, никој не им даваше шанси дека ќе избора „фајнал-фор“, а камоли да станат прваци, вели Лазаров.
Нашиот најдобар спортист се обиде да открие кои се грешките на гигантите кои и покрај парите и годинава извисија пред непредвидливиот Вардар.
– Барса се распаѓа кога противникот ќе покаже заби, бидејќи не знае да се носи со притисокот. Играв четири години таму и добро го познавам клубот. Исто е и во кошаркарската и фудбалската секција. Финалето беше еднонасочна улица. Веспрем на крајот се доближи, но илузија беше дека може да стигне. Клучот на титулата беше полуфиналето со Барса. Тие втори 30 минути деновиве неколку пати ги гледав и да бидам искрен, уште не можам да верувам што се случи. Се сеќавам кога игравме пред неколку години против Флензбург. Неколку минути пред крајот имавме 5-6 голови предност, но на крај загубивме. Тоа не им се случува само на ракометарите. Видете како поминаа фудбалерите лани со Рома и оваа година со Ливерпул. Притисокот таму е страшен. Таму се признава само прво место, а не може секој да се носи со тој притисок. Сите четири екипи кои годинава играа на Ф4 играат во послаби лиги, а германските и француските тимови многу се трошат и не успеаја сезонава. Вардар годинава им покажа и на Барса и на ПСЖ дека парите не се секогаш пресудни – изјави Лазаров.
Македонскиот репрезентативен капитен беше европски првак пред четири години со Барселона, финале играше и со Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Нант, а и натаму е најдобар стрелец на завршните турнири.