Лазаров: Горд сум на екипата, колективот донесе успех


Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров го пофали тимот по пласманот во финалето на ЕХФ Европскиот Куп. 

На двомечот со норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд, Алкалоид иако ослабен поради неколку повредени играчи, демонстрираше истрајност, борбеност, трпеливост и сосема заслужено се избори за историски успех.

– Горд сум на тимот за тоа како ги одигра овие два натпревари со сериозно квалитетен противник. Во отсуство на нашите носители на играта покажавме дека колективот, доколку дејствува тимски може да покрие многу недостатоци и да направи успех.
Со оглед на ситуацијата, нѐ очекува пеколна завршница на сезоната. Ќе внимаваме на сѐ за на важните натпревари бидеме на потребното ниво.
Пласманот во финалето на Алкалоид е голем успех за клубот, но и за целиот македонски ракомет. Очекуваме поддршка во финалето од љубителите на ракометот во Македонија, ќе ни биде многу потребна, изјави Лазаров.

Во финалето на ЕХФ Европскиот Куп, РК Алкалоид ќе игра со грчкиот претставник АЕК Атина. Првата средба ќе се игра на 17/18 мај, реваншот е на 24/25 мај. Кој ќе ја има предноста реваншот да го игра на домашен терен ќе биде одредено со ждрепка.