Лавров обвини: Западот сака да создаде „Затворен Балкан“
„Се случи нешто незамисливо. На суверената држава и е одземено правото да води надворешна политика. Меѓународните активности на Србија во насока на Русија се блокирани“, рече рускиот министер за надворешни работи сергеј Лавров. Тој порача притоа дека „ситуацијата со посетата на Србија е незамислива“.
„Главната работа е дека никој нема да може да ги уништи односите со Србија“, рече Лавров додавајќи дека „НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој проект наречен Затворен Балкан“.
Тој додаде дека ставот на Западот во однос на лишувањето на Србија од можноста да избира партнери е „циничен“ и е „демонстрација до каде НАТО и ЕУ можат да одат со користење на најстроги средства и влијание против оние кои се водат од националните интереси“.
„Ако посетата на рускиот министер за надворешни работи на Запад се доживува речиси како закана на глобално ниво, тогаш, според сите сметки, работите на Запад се прилично лоши“,рече Лавров.
Зборувајќи за можниот одговор на земјите кои му забранија на неговиот авион да лета за Србија, рускиот министер за надворешни работи рече дека Русија „нема да направи ништо што може да ги наруши односите меѓу луѓето“.
„Треба да има слобода на избор на партнери, за што се залагаше и самиот Запад, а тој самиот го уништи тој избор“, рече Лавров. Според него Западот многупати покажал дека „ќе изврши притисок, не бегајќи од ниските средства и мерки, дури и за време на трагичното бомбардирање на СР Југославија во 1999 година“.
Во врска со одлуката на три држави –Македонија, Црна Гора и Бугарија – да не дадат дозвола за летање на неговиот авион преку нивниот простор, тој рече дека би се рекло дека тие самите ја донеле таа одлука, „но знаеме како било“.
Нагласувајќи дека ништо нема да ги уништи односите меѓу Србија и Русија, тој најави дека Москва го поканила шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ што поскоро да дојде во Русија.
„Се надевам дека Брисел нема да се посрамоти околу авионот со кој тој ќе лета“, рече Лавров. Тој рече дека Брисел не сака со српските официјални претставници да разговараат за „брзо развиваното стратешко партнерство, како и за меѓународните прашања“.
„Очигледно, лидерите на Брисел не сакаат да ја потврдат позицијата на Русија за Косово и БиХ, за да изразат поддршка за иницијативата на Белград за Отворен Балкан. Разговараме за интересите за заздравување на односите меѓу земјите од регионот“, рече Лавров.
Посетата на рускиот министер за надворешни работи беше откажана откако земјите околу Србија го затворија воздушниот простор за неговиот авион.
Денеска нашето Министерството за надворешни работи објави дека го одбило барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација.
РИА Новости објави дека Русија би можела да ги отповика амбасадорите на Црна Гора и Бугарија поради ситуацијата со рускиот министер за надворешни работи. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг на 1 март објави дека се одложува упатувањето на нашиот амбасадор Ненад Колев во Москва, а ден поти шефот на државата Стево Пендаровски ден потврди дека на Колев му е одложено заминувањето на амбасадорското место во Москва поради руско-украинската криза.
Премиерот Димитар Ковачевски не одговори конкретно дали со одлуката Македонија да не го пушти рускиот авион со кој се превезува Сергеј Лавров да прелета над државата, ќе се нарушат и односите со Србија. Тој кажа дека забраната важи за сите.
Од Македонија само лидерот на Левица, Димитар Апасиев ја критикуваше одлуката на Владата за Лавров.
„Да го забраневте македонското небо за прелети на НАТО авионите кои го бомбардираа Белград, на ист начин како што го забранивте прелетот на рускиот министер Лавров за Србија – досега ќе бевме респектирана држава, а не вазална територија владејана од октроирани квислинзи“, напиша Апасиев на Фејсбук.