Лавров: На некои земји во Европа им ослабна имунитетот на нацизмот


Некои европски земји покажаа ослабен имунитет кон нацизмот, кажа денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во видео обраќањето пред учесниците на форумот „Лекции од Нирнберг“.

Шефот на руската дипломатија рече дека наследството од судењата во Нирнберг има огромно политичко, морално и образовно значење.

-Пред 75 години беше употребена моќна вакцина за да се спречи заживување на нацизмот во каква било форма. За жал, во некои европски земји имунитетот кон фашизмот, развиен во Нирнберг, значително се намали, рече Лавров.

Министерот истакна дека Русија ќе продолжи постојано да се спротивставува на секој обид за фалсификување на историјата, величење на нацистичките воени злосторници и нивните соработници, како и ревидирање на меѓународно признатиот исход од Втората светска војна, пренесе Тасс.

-Русија ќе продолжи да ги брани вредностите на Нирнбершката повелба, Повелбата на Обединетите нации и целиот модерен светски поредок, посочи Лавров.

По Втората светска војна, во Нирнберг се одржаа судења на истакнати членови на политичката, воената и економската елита на нацистичка Германија.