Лавров: Јас сум тука, Блинкен избега од средба!
Лавров рече дека ОБСЕ е во колапс и дека безбедноста на континентот е нарушена, но меѓу редови навести дека сепак ќе се продолжи мандатот за четирите клучни функционери уште три месеци
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на прес-конференцијата во Скопје држеше лекции буквално за сите – за ЕУ и американските политичари, за Израел, за француското однесување кон Корзика, за „режимот“ во Киев“, за двојните аршини на Вашингтон за државните удари во светот, за двојните аршини на ОБСЕ за човековите права, па и за новинарите на кои им дофрлаше – дали сум ви здодевен, каде сте ја добиле дипломата, оставам на вашата имагинација да извадите заклучоци, со една позитивна забелешка – сепак одговори на сите прашања.
Како што се очекуваше, Лавров за третманот на министерскиот состанок ги обвини САД и западните земји, порачувајќи дека тој е тука, во Скопје, но тие избегале од можна средба и од можноста за конструктивен разговор. Нарекувајќи го американскиот државен секретар Ентони Блинкен „кукавица“ , тој рече дека било направено сѐ да го нема на официјалната фотографија од вечерата, а утредента да биде вклучен, но да ги нема лидерите на другите земји, за да се покаже дека Русија е изолирана.
„Ние имаме цврсти докази дека западните држави не извлекле поуки, туку ги користат лостовите на ОБСЕ за да ја обвинат Русија и да воведат санкции кон нас. Ние бевме единствениот глас на разумот дека ОБСЕ е формирана заради соработка за безбедност. Сѐ е уништено во политичката сфера, се одбива да се усвои конвенција за оружјето, како и бројни договори за постигнување на безбедност и стабилност и намалување на оружјето на европската сцена“, рече Лавров.
Тој оцени дека Западот деструктивно делува и не ги почитува носечките начела на Организацијата.
„Македонското претседателство со ОБСЕ одбра добар слоган дека се работи за луѓето. Верувам кога велиме за луѓето, но да важи за сите граѓани и за тие кои не се наши граѓани. И за нашите граѓани во Естонија и Латвија. Има четири лица кои ги водат структурите за човекови права и гледам голема нервоза кај нив. Не ми е грижа за нивните стравувања за мандатите. Важно е дека се кршат принципите на човековите права“, рече Лавров.
На прашањето за уцените од Бугарија кон Македонија во однос на евроинтеграцијата, Лавров рече дека не е експерт за односите меѓу Македонија и Бугарија, но дека македонскиот народ има целосно право да биде рамноправен со сите други во Европа.
„Македонските граѓани имаат целосно право да делуваат рамноправно на нашиот заеднички континент. И ако даваме генерална оценка не само за односите со Бугарија, туку и на Балканот, би рекол дека на овие проблеми лежи однесувањето на Западо, кон поранешните југословенски држави, па и односот кон Словенија и Полска. Знам дека имате тешкотии, имавте понижувачко име БРЈМ, знаеме и за името Северна, знаеме дека немате територијални претензии кон Грција и Бугарија. Но, самите треба да одлучите.
Претседателот на македонското собрание сликаше албанско знаме на едно седиште во парламентот. Ги охрабрувам етничкитге групи на Балканот да живеат мирно и да не се приклучуваат кон западни санкции против Русија. Западот сака да ги подбуцнува народите против Русија. Народите на Балканот минаа тешки времиња, имаат заеднички код и не смеат да дозволат да бидат насочени едни против други. Во БиХ видовме дека три народи можат заедно да живеат. Ние имаме пријателски чувства кон Македонија. Го гледам вашиот народ и ја чувстувам нивната топлина кон нас. Сум бил и во Охрид. Фантастичен град. Се чувствував дека сум поблиску до Бога“, рече Лавров.
Запрашан сепак, зошто е Македонија на листата на непријателски земји во Русија. Лавров рече дека во овој случај државата се поврзува со Владата и дека нема непријателска земја и народ. Според него, македонската влада носела одлуки кои не се пријателски кон Москва и затоа се нашла на листата.
Тој дипломатски одбегна да ги потврди обвинувањата дека Русија се меша во политичките случувања на Балканот и дека се обидува да го дестабилизира регионот. На прашањето на српски новинар дали „треба да се обединат сите Срби“, тој одговори дека за тоа треба да решат Србите и решението треба да биде во интерес на српскиот народ и на другите народи што живеат на Балканот.
„Историјата на Балканот беше претешка и сѐ уште е тешка. Ако зборуваме за договори прифатливи за Србите и за соседите, ние ќе се радуваме и ќе ги поддржиме“, рече Лавров, подоцна нафрлајќи дека ЕУ верува оти кога некој друг ќе се појави на Балканот и покаже грижа, им се меша ним.
„Ние не наметнуваме никому ништо. Сите луѓе имаат право на самоопределување“, рече Лавров но не објасни зошто тоа не важи за Украина. Според него, во Европа нема демократија бидејќи одлуките за ЕУ ги носи Европската комисија, а не земјите.
Тој ги нарече исто така смешни тврдењата дека Македонија го поканила на министерскиот состанок а не западните земји, посочувајќи дека претседателството на ОБСЕ имало таква обврска и дека на Русија не ѝ ни треба покана за да дојде на состанокот, а ни ОБСЕ нема право да не ја поканува.
Тој тврдеше дека пред една година во Истанбул (по две рунди во преговори во Белорусија) бил постигнат договор со Киев за прекин на војната, но дека дошол Борис Џонсон и рекол дека војната мора да продолжи бидејќи, според него, Западот донел стратегиска одлука Русија да биде поразена на воено поле.
„Сигнал за мир сега не гледам ни од Киев ни од Западот“, рече тој, оценувајќи дека за мир треба двајца, како и за танго. Притоа цитираше многу изјави од западни функционери дека Русија нема да запре со воени интервенции и затоа војната треба да продолжи , а потоа цитираше и украински функционери што рекле за преставниците на руското малцинство и за Русите воопшто ( во смисла ако умрат повеќе руски војници, ќе загинат помалку украински деца…) за да заклучи дека светот молчи зад тие „нацистички и расистички“ изливи и да запраша потоа – „како се случи западните земји да ги заборават сопствените закони и стандарди“.
Запрашан кој е поголем хипокрит, Западот кој, според него, е лицемерен, или Русија со ставовите околу Украина, Лавров му порача на новинарот да го објави своето прашање за да ги направи среќни шефовите, па ги советуваше новинарите да бараат имиња за масакрираните во Буча за кои според него не постојат докази, да ги проучат досегашните мировни договори со Украина, да прашуваат за детали и слично.
По прес-конференцијата Лавров требаше веднаш да си замине од состанокот и од земјата, не чекајќи ги резултатите.