Лауреатот Симеон засади дрво за почеток на 63. „Струшки вечери на поезијата“


директорот Тодорче Тасевски

Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“ неофицијално се означи почетокот на „Струшките вечери на поезијата“. Во паркот дрво засади годинешниот лауреат, добитник на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон.

На ова место, не толку големо по површина, колку по суштина се вишнеат дрвјата засадени од некои од најзначајните поети на 20 век: Адонис, Ајги, Вознесенски, Сенегор, Фатос Арапи, Ив Бонфoа, Ален Гинзберг, Махмуд Дарвиш, Маргарет Атвуд, Нанси Морехон, Десанка Максимовиќ итн. Гранките на тие дрвја остануваат симболично продолжение на нивните гласови, на нивните стихови прочитани, токму тука во Струга.

 

 

Годинешниот лауреат, во присуство на македонските и странските поети, изјави задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.

– Струга има свој мост, дом и парк на поезијата. Прекрасна е идејата секој поет што ќе добие „Златен венец“ да засади дрво. Еден ден овде ќе имаме и шума. Еден ден кога нас ќе нѐ нема ова дрво ќе продолжи да расте и да се развива – рече Симеон.

Симеон, не е непознат за СВП и пошироката читателска јавност. Бил гостин на престижниот поетски фестивал во 2010 година, а неговата поезија  е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поетскиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на СВП, во 2010 година, во препев на Јордан Плевнеш.

За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон (1950, Париз) е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија ( International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година.

Жан-Пјер Симеон е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература.

Свеченото отворање на 63. издание на фестивалот ќе се случи вечерва со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“.

За отворањето на Фестивалот, директорот Тодорче Тасевски најави дека ќе има специјално подготвена сценографија, која ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. 

На „Струшките вечери на поезијата“ најавено е присуство на околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.

Фестивалот, кој ќе трае до 26 август, се одржува под мотото „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо. (Л.С.)