Лауреатот од Берлинале, Емин Алпер во зенитот на својата слава доаѓа на Киненова во Скопје


Скопје од 14 до 18 октомври станува епицентар на светската кинематографија. Годинава, почесен гостин и лауреат на ИФФК Киненова е филмскиот генијалец од Турција, смелиот и бунтовен маг на психолошката драма – Емин Алпер. Автор, кој доаѓа во Македонија во зенитот на својата слава, откако пред само неколку месеци со својот најнов ремек-дело филм „Спасение“ (Kurtuluş) буквално ја покори филмска Европа и ја понесе престижната „Сребрена мечка“ (Награда од големото жири) на Берлинскиот филмски фестивал. ИФФ Киненова уште еднаш докажува дека носи уметници од највисок светски ранг, признаени и крунисани од светската критика, колегите и публиката.

Турските филмови имаа годинава двоен триумф со освоените Златна и Сребрена мечка“. „Златната мечка“ ја доби турскиот филм „Жолти писма“ на Илкер Чатак, авторот кој ја одушеви берлинската публика и пред две години со својот филм „Наставничка канцеларија“, подоцна номиниран за „Оскар“. И сега Чатак повторно прави силен ангажиран филм, кој зборува токму за денешните тоталитарни системи, што сè повеќе се во подем, како во овој дел на светот, така и пошироко. 

По повод доаѓањето во Скопје и примањето на престижната награда за особен придонес во светската филмска уметност, Емин Алпер испрати моќна и емотивна порака.

-Создавањето уметност, вклучително и филмска уметност, е секогаш задоволство само по себе. Но, кога ќе ви биде доделена толку голема награда и ќе ви биде оддадено толку високо признание, како што јас го добивам оваа година на ИФФ Киненова 2026, што покажува дека вашата работа е ценета, задоволството се претвора во блаженство! Кога добив писмо од Небојша Јовановиќ, во кое ме извести дека ја добивам наградата за особен придонес во светската филмска уметност, почувствував огромно задоволство и возбуда. Голема чест ми е да слушнам дека моите филмови придонесуваат во светот на уметноста. Подеднакво е одлично да се добие оваа награда во соседните земји, чија култура и историја се многу блиски до мојата. Исто така е прекрасно да се добие ова признание од фестивал кој во изминатите 10 години направи извонредно многу за светот на филмот и стана значајно и препознатливо место за вистинска филмска уметност, не само во Македонија, туку и низ целиот Балкан. Всушност, мислам дека вистинскиот придонес кон уметноста доаѓа од организаторите – познатите и непознатите херои зад ваквите фестивали. Се заблагодарувам на Киненова за нивниот голем придонес кон светската филмска уметност и киното. Исто така, искрено се заблагодарувам за исклучителната и престижна награда и честа која ми ја прават на овогодинешното издание на фестивалот. Нестрпливо го чекам ова возбудливо патување кон Македонија!, вели Алпер во својата порака.

Во „прегратките“ на филмовите на Емин Алпер, секој се чувствува „беспомошно“, им се препушта како на свој близок. Во неговите стории, стамено и режисерски скроени, помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу руралното и урбаното, традиционалното и актуелното, цврсто ги поставува своите ликови и ги води во очекуван конфликт во најнепредвидливите моменти од ткаењето на приказната, неодминливо потсетувајќи на сите видливи и скриени контрадикторности кои ги нуди модерна Турција. Неговите ликови се многу обични на првата средба на гледачот со нив, но со својата тивка и ненаметлива природа, Емин Алпер со еден мајсторски мигновен сценаристички „скок“ ја ,менува и би рекле ја трансформира нашата визуелна перцепција и ние веќе ги прифаќаме како херои или антихерои, како оган или вода, како земја или воздух. Така тие ликови, нивните дилеми, нивните навидум необјасниви одлуки поставени во одредени околности и во филмски пејзаж, што Алпер одлично го владее, не освојуваат.
Од неговиот прв независен краток филм Писмо во 2005 и по 20 години тој не престанува да потсетува на оние другите, невидливите, заборавените и замолчените во својата земја. Користејќи го често режисерскиот концепт на филмовите од Црниот бран, тој осаменоста ја претвора во предност, неугледноста во доблест, презирот во наследство. Со своите филмови Зад ридот (2012) Френзи (2015), Пеколни денови(2019) Приказната на трите сестри (2022) беше наградуван и славен на голем број меѓународни филмски фестивали. Почестени сме што овој почитуван од публиката, критиката и од, своите колеги филмски автор, ќе биде наш лауреат, велат од Киненова.