Лашкоска: Намалување на ризиците од катастрофи бара широка соработка и инклузивност


Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска денеска учествувала на министерска тркалезна маса на тема „Зголемување на активностите за намалување на ризикот од развој на ризици во средината“, организирана во рамки на Европската платформа за намалување на ризици од катастрофи, одржана во Будва, Црна Гора.

Како што информираат од Министерството, во присуство на министри и шефови на делегации на високо ниво од регионот и од Европа и централна Азија, претставници на ОН и избрани засегнати страни, заменик министерката Лашкоска ги претставила националните напори за намалување на ризикот од климатските катастрофи.

– Еден од клучните предизвици со што се соочуваме е да се осигура дека намалувањето на ризикот од катастрофи, климатската адаптација и управувањето со животната средина се спроведува кохерентно во сите гранки на власта. Овие области се неразделни и треба да се уредуваат соодветно, истакнала Лашкоска.

Таа додала дека се потребни интегрирани закони, регулативи и рамки на политики што ќе обединат различни сектори – животна средина, енергија, земјоделство, урбанистичко планирање, инфраструктура, финансии, образование и социјална заштита – под обединета и инклузивна визија за намалување на ризикот и отпорност на климата на нашите заедници.

Лашоска истакна дека ја смета за особено важна регионалната соработка, бидејќи катастрофите не познаваат граници, а колективна способност да споделуваме знаење, ресурси и најдобри практики е од витално значење.