Лансирана е веб-страница која повикува на мобилизација на Барон Трамп за војната во Иран


Поранешниот сценарист и писател на американската анимирана серија „Саут Парк“, Тоби Мортон, ја лансираше сатиричната страница „DraftBarronTrump.com“, која повикува најмладиот син на американскиот претседател Доналд Трамп, деветнаесетгодишниот Барон Трамп, да биде испратен во војната во Иран, по американско-израелските воздушни напади врз Исламската Република.

Мортон, комичар познат по купувањето интернет домени и креирањето сатирични страници насочени против Трамп и неговите поддржувачи, иронично на новата веб-страница наведува дека „Америка е силна затоа што нејзините лидери се силни“, како и дека „природно е што Барон е повеќе од подготвен да ја брани земјата што неговиот татко толку смело ја командува“, според американскиот портал HuffPost.

Страницата, која е опишана како платформа „посветена на почитување на најсилните и најхрабрите гласови на војната“, содржи и голем број пародии и лажни изјави на Трамп.

„Луѓето ми приоѓаат со солзи во очите и ми велат: „Господе, ти си најсилен. Испрати го Баронот во војна“. Отсекогаш сум бил силен. Многу силен. Посилен отколку што очекуваше секој. Некои велат најсилниот досега. А силата е важна. Верувај ми“, наведува веб-страницата.

Во делот „За нас“ се наведува дека „правилно е силата да постои дома кога моќта се проектира во странство“, со оценка дека семејството Трамп поседува „докажани гени, наследена храброст и непоколеблива решителност“.

Веб-страницата е лансирана откако САД и Израел извршија големи воздушни напади врз Иран, во кои, според достапните податоци, загинаа шест американски војници.

Во меѓувреме, хаштагот #SendBarron стана вирален на социјалните мрежи, со повици за мобилизација на синот на претседателот.

Мортон ја промовираше страницата на социјалните мрежи, заедно со друга страница, „ResignChuck.com“, која повикува на оставка од лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер, поради, како што се наведува, недоволно противење на потезите на Трамп.

Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран наутро во сабота, 28 март, во она што го нарекоа „превентивни напади“, кои се случија по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.

Потоа Иран започна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.