„Лајка“ со нова кампања: Секое куче заслужува дом, без разлика колку родендени прославило

ЈП ЛАЈКА започнува нова емотивна и општествено важна кампања посветена на една од најзапоставените групи животни во прифатилиштата – кучињата сениори.
-Под мотото „Секое куче заслужува дом, без разлика колку родендени прославило”, ја отвораме вратата кон шансата за подобар крај на животниот пат за оние кои најдолго чекале љубов, а најмалку ја добивале.
Кампањата има за цел да ги приближи сениорите до потенцијалните вдомувачи; да ја разбиe стигмата дека постарите кучиња се „помалку вредни”;да ја истакне нивната благост, смирен карактер и благодарност и да испрати силна порака: домот не треба да биде луксуз што се заслужува само додека си млад.
Во рамки на кампањата, секоја недела ќе бидат претставувани индивидуални приказни на нашите највозрасни, најтрпеливи жители – кучиња кои со години го чекаат својот човек. Преку емотивни фотографии, искрени „исповеди” од перспектива на самите кучиња, и медиумска поддршка, ќе се обидеме да го скршиме молкот околу оваа невидлива група, стои во соопштението на „Лајка“.