Лајка: Нема ништо поштетно од партиското препукување место решавање на проблемите

Речиси секој ден се регистрираат нови напади од улични кучиња низ скопските улици, а само за минатата година градот Скопје исплатил 10 милиони денари како отштета на граѓани кои биле каснати. Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски за „Студио 10“ вели дека Министерството за внатрешни работи (МВР) мора да ги засили контролите, затоа што намерно се носеле кучиња во главниот град на Македонија.
Од „Анима Мунди“ пак проблемот го префрлаат во нефункционалноста на институциите со порака дека „не постои ништо поштетно од партиското препукување“, паралелно соа програмско, системско, сестрано игнорирање на проблемот“.
По нападот на куче со сопственик од бездомни кучиња, што беше изолиран но крајно непријатен случај, се јавија претставници од најголемите партии за меѓусебно да се обвинуваат, за да отфрлат сопствена одговорност и за да поентираат пред своето гласачко тело – попатно и едните и другите обвинувајќи ја ЈП Лајка за нефункционалност и недоволни резултати… Политичари, Лајка е последната алка во синџирот која и тоа како дејствува и испорачува резултати, маневрира во обид да воспостави контрола со резултати кои се веднаш воочливи, мерливи, но секако недоволни бидејќи не може да го третира коренот на проблемот кој зависи од инсититуциите кои ги раководите вие!
Измените на Законот за заштита и благосостојба на животните со кои бараме итно регулирање на одговорното сопствеништво, забрани за неконтролирано размножување на животните се само декларативен приоритет – праќаме иницијативи, барања, укажувања, од АХВ немаат волја ни да одговорат, а камо ли да организираат работен состанок! Дека нешто се превзема е толку бајата лага во која никој со грам рационален расуд повеќе не верува!
Општините од друга страна имаат повеќе пари за украсни жардињери, откако за програми со кои би третирале сериозен проблем од етички , безбедностен, здравствен, комунален аспект, како на граѓаните, така на животните. Тоа е важно да се знае, зошто за оваа проблематика само три општини од град Скопје издвојуваат средства за работата на ЈП Лајка – другите ги мрзи да конципираат програма, а камо ли да наменат денар од буџетот, ништо! Но секако пари за исполнување нивни каприци и кефови не недостасуваат. Коректно е да се знае дека општина Аеродром е една од тие кои плаќаат, но ни десет Лајки нема да не спасат доколку не се забрани и контролира напуштањето, размножувањето, промовира вдомување и стерилизација!
Граѓани на Скопје, ЈП Лајка прв пат има сеопфатна стратегија и пристап кој го охрабруваме, поддржуваме да продолжи, но минорни ќе бидат сите резултати, сиот труд, се додека не се почне од коренот, од законската регулација на одговорното сошпствеништво, регулирање на продажбата, подарувањето миленици, преку дефинирање забрани за размножување и најстроги казни за напуштање миленици, исфрлање на цели легла кутриња по учиците. Се до тогаш имаме борба со ветерници и ефтина парада пред јавноста, од која ве уверуваме ни е преку глава на сите, порачаа од Лајка.