Лајчак во интервју за МИА: ЕУ мора да го исполни ветеното за Северна Македонија, достигнувањата од Преспа се неповратни


Северна Македонија стигна подалеку отколку што можеше да се претпостави пред неколку години и сега е време да се наградат напорите на државата. Дискусиите за датумот за преговори продолжуваат, а неколку месеци нема да направат голема разлика за граѓаните на Северна Македонија. Оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите на земјата со Унијата.

Ова го порача шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак и актуелен претседавач на ОБСЕ во екслузивното интервју за МИА, кое го даде еден ден пред официјалниот дел од неговата посета на земјава. Лајчак од вчера во улога на претседавач на ОБСЕ, но и на шеф на словачката дипломатија е во Скопје, а денеска тој ќе има средби со високи државни функционери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, граѓански организации.

Во врска со одложувањето на датумот, наместо првичните очекувања овој месец, за оваа есен, Лајчак во интервју за МИА вели дека неодамнешните постигнувања се навистина извонредни, земјата стигнала подалеку одошто можело да се замисли пред неколку години. Нагласува дека Словачка верува дека е време е да се наградат напорите на земјата и да се испрати позитивен сигнал до граѓаните.

Тој додава дека неколку месеци нема да направат огромна разлика за народот на Северна Македонија кој чекаше толку долго, но сепак силно верува дека „оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите меѓу вашата земја и ЕУ“.

Лајчак за Преспанскиот договор со оценка дека со него магичниот круг на националистички митови бил растурен со политичка волја и храброст и со надеж дека тој ќе служи како инспирација за другите во регионот и ќе придонесе за регионално помирување. Вели тоа што е договорено во него е неповратен процес.

Меѓудругото тој се осврна и на работата на СЈО, за која неодамна Мисијата во Скопје го претстави втор преоден извештај. Ги повика сите политички партии да постигнат договор за нацрт-законот за ЈО, кој ќе ги задоволи очекувањата на јавноста дека корупцијата ќе се казни и дека институциите на правдата ќе продолжат да се зајакнуваат.