Лајчак: Премногу често слушаме изговори што „не може“ од Балканот


Специјалниот пратеник на ЕУ за Балканот, Мирослав Лајчак, повика да престанеме со барањето изговори на Балканот и место тоа, избраните лидери да им докажат на своите граѓани дека можат да ја остварат визијата што им ја нуди Европската унија. 

-Ќе ја почнам мојата презентација со три збора. Првиот збор е минато. За жал има премногу минато во сегашноста што го спречува регионот да оди напред. Се чини како во регионот да е поважно да се обновуваат раните отколку да се залечуваат. Мојата порака до регионалните политичари е – оставете го минатото на историчарите. Вие не сте избрани да го смените минатото, туку да ја смените иднината на подобро. 

Вториот збор е компромис. Компромисот ја направи ЕУ најуспешен  проект на интеграција на човештвото. Тоа не значи некој да изгуби за јас да победам. Има решенија во кои сите победуваат и тие се засноваат на дијалог и слушање. Во овој регион  консензусот се уште е лош збор и се преставува како слабост. Затоа им порачувам на лидерите – имајте на ум дека сите можете да излезете како победници.

Третиот збор е визија. Секогаш  решавањето на некој проблем изгледа невозможно, додека не се заврши.  За да се направи тоа можно потребна е визија и храброст. Најдобриот пример е токму тука. Колку години слушавме дека спорот со името е проблем што не може да се реши? Лидери со визија и со храброст го решија.  Затоа не треба да се плашиме и да бараме изговори . Премногу често се слуша тука  што „не може“. Се може да се заврши. ЕУ ви нуди визија. Докажете им на своите народи  дека можете да ја направите реалност, порача Лајчак на Преспа форумот .