Лајбах во Филхармонија: Музичко-визуелно сецирање на стварноста


Словенечки бенд Лајбах вчера вечер ги маѓепса присутните фанови во полната сала на Филхармонија во Скопје со повторното преслушување на нивниот култен албум од 1987 година „Опус Деи“, концертно збогатен и со други композиции, што сѐ заедно резултираше со музичко-визуелно сецирање на современите општества, она што се случуваше кон крајот на минатиот век, а кое повторно добива на сила и сега преку разни облици на тоталитаризам и автократија.

„Ние не сме провокација, туку реалност“, стои во најавата за концертот вечерва во Атина, каде што Лајбах настапуваат веднаш по скопскиот концерт како дел од нивната европска турнеја во која се опфатени 19 градови со 20 концерти, почнувајќи од Љубљана, Краков, Виена, Лондон, Манчестер, Болоња, па се до Софија, Букурешт, Белград и повторно дома во Марибор, на кои бендот ја пренесува својата визија за она што го живееме. 

Концертот на Лајбах во Скопје беше во рамки на „ТАКСИРАТ2025“.

Музички моќни, визуелно впечатливи и како и секогаш провокативни, „Лајбах“ ги испорача стравовите на секој од нас од моќта која ја со себе ја носи власта, од трагедиите кои што се случуваа во минатото, но и она со кое се соочуваме сега.

Тито, Черчил, Доналд (Трамп), се само некои од ликовите кои што се појавуваат како дел од визуелаизацијата на нивните композиции, покрај сцени од слетовите и титовата штафета кои што ги паметиме од поранешна Југославија, но и индустриското производство во западните земји, отуѓувањето на луѓето, па се до стравотиите што ги предзвикуваат воените конфликти.

Оттаму, и слоганот дека не се провокација, туку реалност, не звучи како претерување, туку како повик за будење.

Во рецензијата за нивниот настап во Манчестер на 23 минатиот месец, порталот louderthanwar.com меѓу другото пишува дека сега кога „lunatics have taken over the asylum“, (ситуација во која одговорните не се способни да се справат со своите одговорности, и попрво треба самите да бидат ставени под лупа, заб.) и кога „линиите меѓу фарсата, сатирата и апокалипсата станаа многу заматени“, би помислиле дека Лајбах би станал речиси излишен.

Сепак, словенечкиот бенд е во уште поостар фокус од кога било досега. Повторно навраќање на нивниот албум „Опус Деи“ од 1987 година, открива дека тоа борбено ремек-дело звучи уште повеќе во склад со овие ‘гонзоидни’ времиња отколку кога беше објавен.

И навистина, не може а да не се согласиме со ваквото тврдење, како и дека никогаш не звучеле подобро (иако истото може да се каже и за нивните поранешни настапи во Македонија, особено за концертот на Скопски саем, кога настапија и Мизар со хорот Хармосини).

На актуелната турнеја на нивните двочасовни настапи поделени во два дела (со пауза од 15 минути) може да се слушнат и делови од универзалната декларација за човекови права на ОН, обработка на „Балада за тенок човек“ на Боб Дилан, па се до нивната верзиј на Life Is Life, завршувајќи со „Strange Fruit“ на Били Холидеј заедно со сцени од урнатини како финале за она што секој ден го проследуваме и на малите екрани во сопствените домови.

Можеби најпрецизната оцена за вчерашниот настап на Лајбах во Скопје е она што го доживеаја и присутните во Манчестер: „Нивниот индустриски рок е извонредно свирен, а моќта и динамика и кристалните моменти на чиста убавина ја нагласуваат нивната анти-тоталитаристичка сатира, остар политички ситуационизам и треперливите моменти на трансцендентална поп убавина“. За сето ова најголема заслуга имаа карактеристичниот вокал на Милан Фрас и вокалистката од Шведска, Дина Марина Мартнесон.

И, да, Лајбах некогаш можеби изгледаа како музички епитаф од источна Европа која се распаѓаше под сенките на железната завеса, но сега во 2025 година тој епитаф се однесува за целиот свет како глобално село. И на сите нас во него. Таква беше и пораката на крајот на концертот:Концертот заврши со порака, напишана на англиски: This is the end. See you again… In hell.

(М.Ј.)

 

Сетлиста

Leben heißt Leben intro drum loop
1. Država
2. Boji
3. Mi kujemo bodočnost
4. Anti-Semitism
5. Ballad of a Thin Man (Bob Dylan cover)
6. Brat moj
7. Alle gegen Alle (Deutsch Amerikanische Freundschaft cover)
8. Leben heißt Leben (Opus cover)
9. Trans-National
10. F.I.A.T.
11. The Great Seal
12. Geburt einer Nation (Queen cover)
13. Opus Dei / Leben heißt Leben (Opus cover)

Encore:
14. The Engine of Survival
15. Each Man Kills the Thing He Loves (Jeanne Moreau cover)
16. I Want to Know What Love Is (Foreigner cover)

Encore 2:
Strange Fruit (Billie Holiday cover)